ДОАЃА ПЕНЗИСКИ УДАР Славески откри што ги чека оние што се во вториот столб
Ниските приноси на приватните пензиски фондови и високите провизии се меѓу главните причини за загриженоста.

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, предупредува дека голем дел од идните пензионери кои ќе остваруваат пензија преку вториот пензиски столб би можеле да се соочат со примања далеку под очекувањата.
Славески на социјалните мрежи сподели интервју од 2024 година во кое се повикува на анализи според кои, меѓу 70 и 80 отсто од осигурениците што ќе се пензионираат во периодот од 2030 до 2032 година нема да успеат преку средствата од вториот столб да обезбедат ниту минимална пензија.
Според него, без сериозни промени во пензискиот систем, државата ќе мора повторно да разгледува можност за враќање на голем број пензионери во првиот столб, со цел да обезбедат повисоки месечни примања. Тој потсети дека слична мерка беше спроведена во 2019 година, кога дел од новите пензионери беа префрлени од вториот во првиот столб заедно со акумулираните средства.
Како главни причини за проблемот, Славески ги наведува ниските приноси на приватните пензиски фондови, кои според него не обезбедуваат доволно средства за пристојни идни пензии.
Тој оценува дека инвестициските политики на пензиските друштва се премногу конзервативни и најголемиот дел од средствата се вложуваат во државни обврзници и инструменти со помал ризик, но и со ограничен принос.
Дополнителен проблем, според гувернерот, се високите провизии што ги наплатуваат приватните пензиски друштва, бидејќи тие директно влијаат врз намалување на средствата што им остануваат на идните пензионери.
Славески посочува и дека пренасочувањето на дел од придонесите кон вториот пензиски столб создало долгорочен финансиски притисок врз државниот пензиски фонд, кој, како што предупредува, ќе се чувствува уште многу години доколку не се преземат реформи.


