МИЦКОСКИ НАЈАВИ ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ Во вторник се открива кој останува, а кој заминува
Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во вторник ќе ги разгледува кадровските решенија, по што ќе бидат познати новите ресори и имиња.

Реконструкцијата на Владата ќе биде тема на седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ која ќе се одржи во вторник, по што ќе бидат познати персоналните решенија и промените во распределбата на ресорите, најави премиерот Христијан Мицкоски.
Тој посочи дека измените не се прават единствено поради досегашните резултати на министрите, туку и поради промена на приоритетите во работата на Владата. Сè уште не е познато дали реконструкцијата ќе опфати една третина од владиниот состав или ќе биде поширока.
„Не се битни само резултатите, дали тие биле добри, недоволно добри или можеби воопшто немало резултати. Понекогаш реконструкцијата се прави затоа што се менуваат приоритетите. Она што било приоритет пред две години, денес може да има поинаков фокус“, изјави Мицкоски во интервју за МРТ.
Премиерот нагласи дека коалициските партнери имаат свои области на интерес и дека промените ќе бидат насочени кон подобро реализирање на владината програма.
„Ќе има промена на ресори и промена на портфолија. Очекувам Владата, доколку ја добие поддршката од пратениците, со новата структура успешно да го заврши мандатот“, рече тој.
Мицкоски не сакаше да открива имиња на министри кои би биле опфатени со реконструкцијата, ниту конкретни ресори кои ќе бидат прераспределени. Според него, најпрво треба да се донесат политичките одлуки во партијата, а потоа тие да се спроведат во рамки на Владата.
Тој оцени дека состојбата во која ја затекнале државата пред две години била исклучително тешка и дека денес институциите се консолидирани.
„Ако ја споредиме состојбата од пред две години со денешната, можам да кажам дека денес сме многу понапред. Не почнавме од нула, туку од длабок минус. Сега сме консолидирани и подготвени да забрзаме напред“, истакна Мицкоски.
Според него, новите приоритети по реконструкцијата треба да овозможат побрза реализација на обврските преземени пред граѓаните.


