СИЉАНОВСКА ЈА ОДЛИКУВА ПОСТХУМНО ПРОЕВА За Димитров сè уште молк и тишина

Претседателката постхумно ја одликуваше професорката Наде Проева за нејзиниот придонес во македонската историографија, додека иницијативата за одликување на Георги Димитров сè уште нема одговор.

СИЉАНОВСКА ЈА ОДЛИКУВА ПОСТХУМНО ПРОЕВА За Димитров сè уште молк и тишина
Фото: Принтскрин

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, на свечена церемонија во „Вила Водно“ постхумно ја одликува професорката и историчарка Наде Проева со Орден „8 Септември“, за нејзиниот исклучителен придонес во афирмирањето на македонската историографија и истражувањето на античката историја.

Во обраќањето, претседателката истакна дека Проева била научничка од европски и светски ранг, чија работа претставува пример за научна строгост, интелектуална чесност и посветеност кон историската вистина.

„Од фрагментите на минатото – натписи, монети и археолошки остатоци таа создаваше знаење, отвораше нови научни хоризонти и поттикнуваше подлабоко размислување за местото на Македонија и Македонците во историјата“, нагласи Сиљановска-Давкова.

Орденот во име на семејството го прими сестрата на Проева, Павлина Проевска, која порача дека ова признание е и за сите историчари, археолози и истражувачи кои работат на зачувување на македонското културно и историско наследство.

„Имав привилегија да ја познавам Наде и да се дружам со неа во Скопје, во Охрид или во градината на семејната куќа во Ресен. Ме восхитуваше нејзината љубопитност, остроумност, луцидност, храброст, креативност, бескомпромисност, остар јазик. Беше непресушен извор за мене, рудник на знаење. И по децении истражувања таа не се однесуваше како да ги пронашла сите одговори, туку како човек кој учи, кој сѐ уште си поставува многу важни прашања, бара одговори на нив, личност која вешто дебатира, умно негира, логично проблематизира“, рече претседателката во обраќањето.

Наде Проева е родена на 9 септември 1949 година во Ресен. Дипломирала античка археологија на Универзитетот во Белград во 1973 година, а потоа работела како кустос во Народниот музеј во Прилеп. Магистерските и докторските студии ги завршила на Филозофскиот факултет во Белград, а од 1979 до 1981 година се специјализирала на Универзитет Сорбона во областите епиграфика, нумизматика и религија. Од 1984 година предавала на Филозофскиот факултет при Универзитет Свети Кирил и Методиј, каде што подоцна станала редовен професор по Историја на античките Македонци. Во пензија заминала во 2015 година.

Проева била учесник на бројни научни собири и истражувачки проекти во Франција, Канада, Србија, Бугарија, Хрватска, Русија, Италија, Полска и други земји. Како визитинг професор држела предавања на универзитети во Франција, Холандија, Хрватска и Словенија. Таа беше уредник на значајните научни едиции „Miscellanea Byzantino-Macedonica“ и „Historia Antiqua Macedonica“, а нејзината книга „Историја на Аргеадите“ од 2004 година претставува прв универзитетски учебник за историјата на античките Македонци. За својот научен придонес во 1997 година беше одликувана со Орден на витез на академските палми од Владата на Франција. Проф. д-р Наде Проева почина во Скопје на 6 ноември 2024 година, оставајќи зад себе богато научно наследство и траен белег во македонската историска наука.

Да потсетиме, во кабинетот на претседателката Сиљановска ) сѐ уште е закочена иницијативата за донесување на Указ за доделување на одликување Орден на Република Македонија, посмртно, на Георги Димитров, претседател на владата на Народна Република Бугарија во периодот 1946-1949 година за неговите исклучително големите заслуги за Македонија и македонскиот народ. Иницијативата е поднесена на 3 септември 2025 година од страна на партијата Единствена Македонија.

ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА ПОДНЕСЕ ИНИЦИЈАТИВА Претседателката Сиљановска-Давкова да го одликува посмртно Георги Димитров

CATEGORIES
TAGS
Share This