ГАШИ ВО СОФИЈА ДОБИ СТАРА ПОРАКА Без Бугари во устав заборавете на Европската унија

Претседателката на бугарското Собрание порача дека уставните измени остануваат клучен услов за продолжување на евроинтеграциите.

ГАШИ ВО СОФИЈА ДОБИ СТАРА ПОРАКА Без Бугари во устав заборавете на Европската унија
Фото: Принтскрин

Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Африм Гаши, во Софија ја слушна добро познатата порака од бугарската страна и земјата мора да го спроведе европскиот консензус од 2022 година доколку сака да го продолжи процесот на интеграција во Европската Унија.

Ова го порача претседателката на бугарското Народно собрание, Михаела Доцова, по билатералната средба со Гаши во рамките на 13. пленарна сесија на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.

Доцова нагласи дека според ставот на Софија, преговарачката рамка со ЕУ не може повторно да биде предмет на преговори, а неопходно е спроведување на договорените уставни измени со внесување на Бугарите во највисокиот правен акт на државата.

„Европскиот консензус од 2022 година за условите за пристапување на Северна Македонија кон Европската Унија не подлежи на договарање. Неопходно е да бидат направени уставните измени“, изјавила Доцова по средбата, пренесуваат бугарските медиуми.

На состанокот, бугарската претставничка ја изразила и загриженоста на Софија поради опожарувањето на две дипломатски возила на бугарската амбасада во Скопје, како и поради, како што навела, зачестени „антибугарски дејствија“. Таа побарала откривање на сторителот и соодветна казна, со цел, според неа, да се испрати порака дека ваквите постапки се недозволиви.

Од кабинетот на Гаши информираа дека средбата била конструктивна и дека двајцата соговорници разговарале за можностите за поголема парламентарна соработка, размена на искуства и експертиза, особено во делот на европските реформи, законодавниот надзор и транспарентноста на парламентите.

Во своето обраќање на конференцијата, Гаши порача дека Северна Македонија останува посветена на европските вредности и на процесот на интеграција.

„Европската интеграција не е само политичка цел, туку стратешка определба поддржана од генерации граѓани. Направивме тешки одлуки, историски компромиси и покажавме подготвеност за решавање на отворените прашања со соседите“, истакна Гаши.

Тој додаде дека процесот на пристапување кон ЕУ треба да биде предвидлив и фер, заснован на европски критериуми, оценувајќи дека билатералните условувања создале чувство на неправда кај граѓаните.

На средбата било разговарано и за забрзување на транспортните и енергетските проекти од заеднички интерес, со посебен акцент на Коридорот 8.

Гаши посочи дека идните односи со соседите треба да се градат преку соработка и развој, а не преку фокусирање на историските разлики, кои досега претставувале товар во меѓусебните односи.

ПЕТРОВА УДРИ ПО СКОПЈЕ – Без Бугари во Устав нема да ја видите ЕУ

CATEGORIES
Share This