КОЈ ЈА УНИШТИ ЗЕМЈОДЕЛСКАТА СТРУКА ВО ПЕЛАГОНИЈА Само тројца ученици се запишале во земјоделското училиште
Јаневска ги обвини наставниците дека не направиле доволно за привлекување нови ученици.

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, уверува дека земјоделската струка во Битола нема да биде укината, туку ќе продолжи да функционира во рамки на Регионалниот училишен центар.
По промоцијата на печатени учебници во ООУ „Љубен Лапе“ во Аеродром, Јаневска појасни дека во средното училиште „Кузман Шапкарев“ во Битола годинава во првиот уписен рок се запишале само тројца ученици во прва година на земјоделската насока.
Според неа, законските одредби не дозволуваат формирање паралелка со толку мал број ученици, поради што тие ќе бидат распределени во други образовни профили.
„Станува збор за Пелагонискиот регион, каде земјоделството треба дополнително да се развива. Сепак, со само тројца запишани ученици не може да се формира паралелка. Постоечките ученици од втора, трета и четврта година ќе продолжат со наставата, а од следната година земјоделската струка ќе биде интегрирана во Регионалниот центар, согласно планираните реформи“, изјави Јаневска.
Министерката упати критики и до раководството и наставниот кадар во училиштето, оценувајќи дека не биле доволно активни во промоцијата на образовните програми пред деветтоодделенците.
„Наместо да вложат напори за привлекување нови ученици и промоција на струката, тие не презедоа доволно активности и на некој начин ги доведоа во заблуда овие три деца кои се запишале“, рече таа.
Јаневска потврди дека наставниот кадар ќе биде префрлен во Ресурсниот центар, додека објектот на училиштето ќе остане во сопственост на Општина Битола или на државата.
Според податоците на Министерството за образование и наука, во првиот уписен рок во средните училишта низ државата се запишале околу 14.500 ученици. Во тек е вториот уписен рок, од кој се очекуваат дополнителни околу 2.000 запишани средношколци.


