КОЈ ПОТФРЛИ Семејствата на загинатите во „Пулс“ повторно бараат одговори

На 45-тиот „Марш за ангелите“, семејствата на жртвите повторно побараа правда, одговорност и целосно расветлување на трагедијата во „Пулс“.

КОЈ ПОТФРЛИ Семејствата на загинатите во „Пулс“ повторно бараат одговори
Фото: Принтскрин

Родителите и блиските на жртвите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ денеска по 45-ти пат маршираа низ Кочани, испраќајќи порака дека нема да се откажат од барањето за правда, вистина и одговорност за загубата на нивните најблиски.

Маршот започна во 18:05 часот од Паркот на револуцијата, а учесниците упатија прашање до институциите дали сите надлежни лица ги извршувале своите должности совесно, професионално и во согласност со законските овластувања.

Пред Полициската станица во Кочани, Розета Џамова, сестра на едно од починатите момчиња, истакна дека секоја службена должност носи одговорност и обврска за професионално постапување.

„Никој не го оспорува спасувањето како човечка должност. Но оваа постапка не се води за тоа што се случувало откако пожарот веќе избувнал. Прашањето е дали сите што имале службени обврски и законски овластувања постапувале онака како што се очекува од една институција“, рече Џамова.

Таа посочи дека во судските расправи фокусот често бил ставен на детали околу времето и комуникацијата во критичните моменти, наместо на суштинските прашања.

„Слушавме расправи за минути и секунди, за телефонски повици и усни наредби. Но впечатокот е дека најголемата трагедија не е што 63 лица не се вратија дома, туку што часовникот не бил доволно прецизен“, додаде таа.

Од пред Основниот суд во Кочани се обрати и Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 март 2025 Кочани“, кој нагласи дека никој не бара пресуди без докази, ниту пак улицата да ја преземе улогата на судот.

„Ако обемноста на доказите претставува проблем, тогаш вистинското прашање е како системот со години дозволувал да се натрупуваат толку многу неправилности и пропусти“, изјави Наунов.

На денешниот „Марш за ангелите“ присуствуваа и претставници на Сојузот на борците од НОБ од Скопје, кои им дадоа поддршка на семејствата на настраданите.

По завршувањето на маршот, учесниците засадија млади садници во близина на спортската сала при ОУ „Никола Карев“, во меморијалниот простор наречен „Кочански ангели“.

CATEGORIES
Share This