СУДСКИ МАРАТОН ОД 18 ГОДИНИ И 642 ДЕНА ПРИТВОР ЗАВРШИ СО ПРЕСВРТ Обвинетите за случајот „Изгрев“ добиваат правда и слобда
о речиси две децении судења, укинувања на пресуди и притвори Изгрев“ заврши, но проблемите за државата допрва почнуваат, можно ново обесштетување.

По речиси две децении судски постапки, случајот „Изгрев“ се ближи кон конечен епилог. На јавната седница во Апелацискиот суд, Вишото јавно обвинителство побара да биде одбиена жалбата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, поднесена против ослободителната првостепена пресуда.
Еден од обвинетите, Горги Миладинов, за „Фокус“ изјави дека со ваквиот став на обвинителството практично се става крај на предметот.
„Ова значи дека ‘Изгрев’ заврши. Останува само писмената потврда на одлуката на Кривичниот суд, која беше ослободителна“, вели Миладинов.
Случајот започна во 2008 година, а пред суд се најде во 2009 година. Браќата Миладинови беа обвинети за финансиски малверзации и манипулации поврзани со хотелот „Изгрев“ во Струга, додека неколку адвокати, судии и нотари беа гонети за помагање.
Во текот на годините беа донесени повеќе првостепени пресуди, кои Апелацискиот суд ги укинуваше и предметот повторно го враќаше на судење. Од првичните осудителни пресуди со високи затворски казни, процесот постепено водеше кон ослободителни одлуки.
Интересно е симболиката во тоа што низ годините се свртеа неколку обвинители и судии, но оној првиот Ѓоко Ристов, и самиот неодамна заврши зад решетки. Тој тврдеше дека во случај „Изгрев“ биле перени пари, а на крајот „заглави“ во притвор за истото кривично дело, откако во семејната куќа му беа пронајдени соѕидани 350.000 евра.
Во последната пресуда, судијката Даниела Димовска детално образложува дека постапката траела непропорционално долго, создавајќи правна несигурност за обвинетите и нарушувајќи ги принципите на економичност и ефикасност на судската постапка.
„Оваа постапка пред судовите трае 16 години, односно од 2009 до 2025 година. Иако процесниот закон не ограничува колку пати првостепената пресуда може да биде укината и предметот да биде вратен на повторно судење, тоа не смее да создава правна несигурност кај обвинетите во толку долг временски период“, се наведува во пресудата.
Клучниот заклучок на судот е дека обвинетите не можеле да бидат гонети за перење пари, бидејќи средствата за кои се водела постапката потекнувале од банкарски кредит, односно биле со легално потекло.
Браќата Миладинови и обвинетиот Димитрија Голабоски поминале вкупно 642 дена во притвор. Уште пред десет години, Европскиот суд за човекови права во Стразбур утврди дека тие незаконски биле држени во притвор за време на судењето во предметот „Изгрев“, при што им беше доделена отштета од по 3.000 евра, како и 1.350 евра за судски трошоци.
Со конечната разврска на случајот, државата би можела да се соочи и со дополнителни финансиски обврски по основ на евентуални отштетни побарувања од обвинетите за штетите и последиците што ги претрпеле во текот на долгогодишната постапка.
