ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

Политички преглед на денот, петок, 05 јуни 2026 година.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија
Фото: Национал

ВМРО-ДПМНЕ: Дипломатскиот успех на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ му пречи на СДС, на кои единствен успех би им бил уставни измени за редефинирање на македонската историја

Претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта неделава од Македонија испрати јасна порака дека Македонија има опиплив напредок во делот на исполнување на Реформската Агенда, а дополнително тоа се потврди и со добивањето на 65,7 милиони евра од Планот за раст, што е за 50% повеќе од фронтранерите Црна Гора и Албанија. Македонија за првпат е избрана за членка на Економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации – ЕКОСОК, за мандатниот период од 2027 до 2029 година. За првпат од независноста, ќе бидеме дел на едно од главните тела на системот на Обединетите нации. Ова е историски успех на македонската дипломатија. Успех на посветеност, на доверба, на работа која често се одвива далеку од очите на јавноста, но која носи конкретни резултати.

Нацрт-извештајот на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент за Македонија, кој се однесува за периодот до ноември 2025 година, испраќа важна политичка порака, а тоа е дека Македонија останува јасно препознаена како европска држава, посветена на реформите, регионалната стабилност како и стратешкото партнерство со ЕУ и НАТО алијансата. Имаме заедничка изјава со ЕУ во делот на одбраната и безбедносната политика. Пост-мониторингот со Советот на Европа е завршен со што ги исполнуваме сите демократски капацитети како држава. Имаме стратешки договори со Унгарија, Хрватска, Обединетото Кралство и САД. Но, исто многу важно во делот на дипломатијата конкретно во делот со Бугарија е дека по долги години потчинување, понижување и неработење од страна на тогашната влада предводена од СДС, сега Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ потпиша Ратификување на договор со Бугарија за Коридорот 8, што е од клучно значење за Европа, регионот како и самиот Балкан.

Додека едните се сликаа на автопати со маички и си делеа провизии од анексите за работа на коридорите, додека другите потпишуваа бланко листови за да останат ден повеќе на власт на штета на македонските интереси, ВМРО-ДПМНЕ работи на евроинтегративниот процес, со реални ефекти, со реални резултати и со државнички однос кој денес го поздравуваат голем број на функционери од земјите членки на ЕУ. Затоа на СДС, дипломатскиот успех на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ им пречи. Затоа што за нив единствен успех би бил ставањето на Бугарите во Уставот за редефинирање на македонската историја.

СДСМ: ЕУ, Кошта и Вајц го потврдија СДСМ, сите лаги на Мицкоски се разобличени

Од највисоко европско ниво пристигнаа јасни и недвосмислени потврди за сето она што СДСМ го говори со месеци наназад – сите лаги на Мицкоски се разобличени. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, јасно порача дека уставните измени се единствениот услов за формално отворање на преговорите со Европската Унија. Лагите со кои Мицкоски ги манипулираше граѓаните се потопени. Во исто време, Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент го усвои извештајот на Томас Вајц за Македонија, во кој се констатира недоволен напредок во реформите, особено во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата.

Ова е директна потврда дека Владата на Мицкоски не спроведува реформи. Наместо независни институции, сведочиме на политички притисоци врз правосудството, јавно мешање во работата на обвинителството и обиди за партиска контрола врз институциите. Извештајот на Вајц дополнително предупредува и на странско непријателско влијание и кампањи за дезинформации кои ја поткопуваат демократијата. Тоа е уште една потврда за она на што СДСМ предупредува со месеци – дека антиевропските наративи, дезинформациите и евроскептицизмот не се случајни, туку дел од организирана кампања по примерот на Вучиќ и сестринската партија на ВМРО-СНС.

Додека Мицкоски и неговата пропагандна машинерија шират стравови и лаги за наводно загрозување на идентитетот, јазикот и културата, вистинската цел е да се задржи државата во изолација и да се спречи европската интеграција. Лажниот патриотизам служи само како параван за неспособноста, корупцијата и отсуството на реформи. Наместо напредок кон Европа, Македонија е заглавена со кримимална група на власт. Денес е кристално јасно: со Христијан Мицкоски и ВМРО нема Европа, нема реформи и нема подобар животен стандард.

Дури и во последниот заеднички документ (position paper) на владите на Берлин и на Париз се Копенхашките критериуми. Значи без реформи и исполнување на единствениот услов за внесување на малцинствата во уставот нема продолжување на преговорите со ЕУ. Уште една потврда на тоа што го говори СДСМ. Затоа, реформи сега. Европа сега.

ЕДИНСТВЕНА МАКЕДОНИЈА: Единствена Македонија алармира – во Тиват требаше да упатиме порака за единство, а не домашни партиски војни

Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој денес се одржува во Тиват, Црна Гора, претставуваше можност Македонија да испрати силна порака за национално единство и политичка зрелост пред европските партнери и лидери од регионот.

За жал, наместо заеднички настап во одбрана на македонските национални интереси, сведоци сме дека СДСМ и овој значаен настан го користи за дневнополитички пресметки со ВМРО-ДПМНЕ. Таквиот пристап не придонесува за зајакнување на позициите на државата, туку прави штета на Македонија, но и на самата партија СДСМ.

Судбината на Македонија и Македонците не е прашање на политички пресметки туку прашање од национален интерес кое треба да се брани до крај и по секоја цена.

Лидерите собрани во Тиват требаше да слушнат порака за единство и сплотеност од Македонија кое нешто е најсилната брана против секоја внатрешна и надворешна закана со кои се соочува државата.

Единствена Македонија со жалење констатира дека продолжува политиката на меѓусебно непријателство и конфронтација меѓу двете најголеми политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Наместо продлабочување на поделбите, на Македонија ѝ е потребен минимум национален консензус за државни и национални прашања.

Само со единство, заемно почитување и заедничка грижа за иднината на државата може успешно да се заштитат интересите на Македонија и на сите нејзини граѓани.

ДНЕВНА ДОЗА ПОЛИТИКА Што објавија денес ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и Единствена Македонија

CATEGORIES
TAGS
Share This