ДИПЛОМАТСКИ ПРЕСВРТ Макрон сега го фали Трамп, Европа и САД подготвуваат заедничка акција во Персискиот Залив
Телефонски разговор меѓу Макрон и Трамп за Иран и Блискиот Исток.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека во понеделникот разговарал телефонски со американскиот претседател Доналд Трамп, поздравувајќи ги неговите „решителни напори за брзо постигнување договор“ со Иран.
Во објава на платформата X, Макрон потврди дека разговорот бил одржан синоќа и истакна дека Франција е подготвена да ги поддржи и активно да учествува во овие дипломатски напори.
Тој нагласи дека станува збор за меѓународна мисија, формирана во соработка со Велика Британија и други партнери, која би можела да биде распоредена по постигнување договор, со цел да се обезбеди безбеден поморски сообраќај во Хормутскиот теснец.
Макрон додаде дека во текот на вчерашниот ден разговарал и со лидерите на Саудиска Арабија, Оман, Обединетите Арапски Емирати и Египет, при што им ја пренел истата порака и потреба од брзо постигнување мирен договор меѓу САД и Иран.
„Оваа можност мора да се искористи сега. Приоритет е постигнување прекин на огнот и итно повторно отворање на Хормутскиот теснец, без предуслови и во согласност со меѓународното право“, изјави Макрон.
Тој додаде дека по тоа треба да продолжат разговорите за постигнување сеопфатен и траен договор, особено во однос на нуклеарната програма, балистичките ракети и регионалната стабилност.
„Франција е подготвена да ја одигра својата целосна улога“, порача Макрон.
