КОЈ НАВИСТИНА ГИ ПИШУВА ГОВОРИТЕ НА ПРАТЕНИЦИТЕ Истражување откри масовна употреба на ВИ во Холандија
Истражување на холандски медиуми открива дека најмалку 68 од вкупно 150 пратеници одржале говори во кои повеќе од половина од содржината била генерирана од вештачка интелигенција.

Вештачката интелигенција сè повеќе навлегува и во политиката. Најмалку 68 пратеници во холандскиот парламент одржале говори во кои повеќе од половина од содржината била напишана со помош на ВИ, покажува истражување на порталот „Инвестико“ (Investico) и списанието „Де Груне Амстердамер“ (De Groene Amsterdammer).
Истражувачите анализирале транскрипти од парламентарни дебати во периодот од 1 јануари до 30 септември, користејќи ја алатката за детекција на содржини генерирани од вештачка интелигенција Pangram, објави NL Times.
При анализата биле земени предвид само говорите за кои алатката укажала дека повеќе од половина од содржината била создадена од четбот.
Наодите отвораат прашања за тоа колку политичарите се потпираат на вештачката интелигенција при подготовката на јавните настапи и парламентарните дебати. Сепак, самото користење ВИ не значи автоматски дека говорите биле неточни или дека пратениците не ги застапувале сопствените ставови.

