МИЦКОСКИ НА ИСТА МАСА СО МЕРЦ И БАЛКАНСКИТЕ ЛИДЕРИ Во Црна Гора се отвораат клучните прашања за иднината на регионот во ЕУ
Премиерот Христијан Мицкоски ќе ги претстави македонските позиции пред европските и регионалните лидери, меѓу кои и германскиот канцелар Фридрих Мерц.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествува на Самитот на Берлинскиот процес во Црна Гора, каде што лидерите од Западен Балкан, претставниците на Европската Унија и меѓународните организации ќе разговараат за економската и политичката иднина на регионот.
На собирот учествува и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој заедно со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ е најавено да го отвори самитот.
Според владината прес-служба, Мицкоски ќе се обрати на главната сесија во Свети Стефан, каде што ќе ги изложи ставовите на Македонија за економската соработка, регионалната безбедност, конкурентноста и процесот на европска интеграција.
Во центарот на разговорите ќе бидат можностите за забрзување на економскиот раст, подобрување на регионалната поврзаност и отстранување на пречките што го забавуваат приближувањето на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија.
Самитот се одржува во период кога европската интеграција останува едно од најважните политички и економски прашања за регионот, а од европските партнери се очекуваат пораки за натамошната поддршка на проширувањето.
За Македонија, која се соочува со застој во евроинтеграцискиот процес, собирот претставува можност повторно да ги претстави своите позиции пред влијателните европски партнери.
Црна Гора, која годинава претседава со Берлинскиот процес, меѓу приоритетите ги постави зелената и одржлива транзиција, економската конкурентност и зајакнувањето на соработката меѓу земјите од регионот. Во рамките на самитот е предвидена и пленарна сесија под наслов „Регионот во движење: Западен Балкан ја обликува заедничката иднина на Европа“. На неа ќе се разгледуваат перспективите за подлабока регионална интеграција и улогата на Западен Балкан во идниот развој на европскиот континент.
Берлинскиот процес беше воспоставен во 2014 година, на иницијатива на Германија, за време на канцеларката Ангела Меркел, со цел да се поттикне регионалната соработка и да се поддржи европската перспектива на шесте земји од Западен Балкан.
Меѓу позначајните резултати на оваа иницијатива се договорите за мобилност од 2022 година, со кои се предвидува олеснето патување со лични карти во регионот, како и меѓусебно признавање на високообразовните дипломи и професионалните квалификации за лекарите, стоматолозите и архитектите.
Денешниот самит претставува завршен настан од едногодишното претседавање на Црна Гора со Берлинскиот процес, а во фокусот останува прашањето дали регионалните иницијативи ќе придонесат за конкретно забрзување на европската интеграција на Западен Балкан.

