ИЗБЕГА ВО БУГАРИЈА, НО НЕМА ДА ГО ИЗБЕГНЕ СУДЕЊЕТО Нов пресврт во случајот со Ива Михаилова

Додека по неа е распишана меѓународна потерница, бугарските власти порачуваат дека нема да ја екстрадираат во Македонија.

ИЗБЕГА ВО БУГАРИЈА, НО НЕМА ДА ГО ИЗБЕГНЕ СУДЕЊЕТО Нов пресврт во случајот со Ива Михаилова
Фото: Принтскрин

Ива Михаилова, обвинета за сообраќајна несреќа во која загина едно лице на експресниот пат Кочани – Штип, ќе се соочи со судскиот процес и покрај тоа што се наоѓа надвор од Македонија. Судот донесе решение постапката против неа да продолжи во отсуство, по предлог на Основното јавно обвинителство Кочани.

Од Обвинителството потврдија дека одлуката е донесена бидејќи обвинетата не е достапна за државните органи.

„По предлог на Основното јавно обвинителство Кочани донесено е решение на И.М., обвинета за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, да ѝ се суди во отсуство, бидејќи таа не е достапна на државните органи. Следното судско рочиште е закажано за 9 ноември 2026 година во 9 часот“, информираа од Обвинителството.

Случајот доби дополнителна тежина откако Михаилова пред десетина дена се појави во Бугарија, тврдејќи дека македонско-бугарската граница ја преминала легално. Но, токму ова тврдење отвори сериозни прашања, бидејќи во рамките на судската постапка претходно ѝ биле одземени двата пасоша и македонскиот и бугарскиот. Дополнителна мистерија предизвика информацијата од македонските власти дека во официјалната евиденција воопшто не е регистриран нејзин излез од државата.

Заминувањето на Михаилова во Бугарија предизвика бурни реакции во македонската јавност и отвори дипломатски прашања меѓу двете држави. Македонските институции распишаа меѓународна потерница по обвинетата, но од бугарска страна пристигна порака дека нема да биде екстрадирана во Македонија. Со тоа, случајот добива и меѓудржавна димензија, додека останува отворено прашањето како обвинетата успеала да ја напушти земјата и покрај мерките што биле преземени против неа.

Михаилова е обвинета за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, поврзани со несреќата што минатата година се случи на експресниот пат Кочани – Штип, во која животот го загуби едно лице. Иако обвинетата се наоѓа во Бугарија, судската постапка во Кочани нема да запре. Следното рочиште е закажано за 9 ноември 2026 година, во 9 часот, кога процесот треба да продолжи без нејзино физичко присуство.

CATEGORIES
Share This