ЕКСПЛОЗИЈА НА ТУРИСТИ ВО ОХРИД – Но и експлозија на цени што ги изненади граѓаните
Охрид бележи силен прилив на туристи за Први мај, со гости од регионот и целиот свет.

Традиционално за првомајските празници, Охрид е исполнет со голем број туристи. Бродовите пловат по езерото, кајчињата се во постојано движење, а голема раздвиженост има и на излетничките места, културно-историските локалитети, музеите, како и во рестораните и кафулињата.
Најмногу посетители пристигнуваат од земјата и соседството, особено од Србија и Грција, но присутни се и организирани туристички групи од различни европски држави, како и од далечниот Исток.
Охрид и понатаму важи за релативно пристапна и поволна туристичка дестинација, особено популарна меѓу младите од Србија.
„Најчесто доаѓаат млади луѓе. Забавите на бродовите се најатрактивни, а генерално овде има одлична атмосфера“, додаваат туристички водичи од Србија.
Први мај традиционално се смета за почеток на туристичката сезона. Според официјалните податоци, во периодот јануари-февруари годинава бројот на туристи е зголемен за околу 6 отсто.
Во меѓувреме, жителите на Охрид ќе се соочат со повисоки цени на дел од услугите на јавните претпријатија, по одлука на Советот на општината. Зголемувањата се однесуваат на неколку клучни области.
Според новите тарифи, услугите на „Нискоградба“, „Билјанини Извори“, „Градски гробишта“ и „Охридски Комуналец“ поскапуваат за 30 до 50 проценти, во зависност од видот на услугата.
Од локалната власт и раководствата на претпријатијата објаснуваат дека поскапувањата се резултат на зголемени трошоци за работа, повисоки цени на гориво и материјали, како и усогласување на платите. Тие нагласуваат дека мерките се неопходни за нормално функционирање на јавните услуги.
Опозицијата, пак, остро реагира, оценувајќи дека зголемувањата доаѓаат во време кога граѓаните се соочуваат со раст на трошоците за живот. Според нив, новите цени дополнително ќе го оптоварат семејниот буџет. Особено се истакнува дека паркингот поскапува за околу 30%, гробарината за околу 50%, а дел од комуналните услуги за околу 30%.
Паралелно со овие измени, од 6 мај стапуваат на сила и новите тарифи за такси-превоз во градот. Според ценовникот, дневната тарифа ќе изнесува 50 денари старт и 50 денари по километар, додека ноќната ќе биде 100 денари старт и 50 денари по километар.
Надлежните најавуваат засилени контроли врз такси-службите, задолжително баждарење на таксиметрите и јавно истакнување на ценовниците, со цел да се спречат неправилности и нелегално договарање на цени.
