ВОЗАЧИ ВНИМАВАЈТЕ – Од денес голема акција за контрола на брзина која ќе трае со денови
Македонија се приклучува на европската акција за зголемена безбедност во сообраќајот.

Македонската сообраќајна полиција, како дел од Европската мрежа ROADPOL, од денеска учествува во голема европска акција за контрола на брзината, која ќе трае до 19 април.
Во рамките на акцијата, посебен акцент ќе биде ставен на санкционирање на возачи кои ги надминуваат дозволените брзини. Клучниот настан е закажан за среда, 15 април, кога ќе се реализира 24-часовен „маратон на брзина“. Од полноќ во среда до полноќ во четврток, низ целата држава ќе се спроведуваат непрекинати контроли на брзината на движење.
Од Министерството за внатрешни работи истакнуваат дека непочитувањето на ограничувањата на брзината останува една од главните причини за тешки сообраќајни несреќи. Преку проектот „Безбеден град“ и засилените контроли, целта е да се подигне свеста кај возачите и да се придонесе кон намалување на сообраќајните жртви.
Иако ќе се вршат контроли на однапред познати локации, од МВР нагласуваат дека акцијата има пред сè превентивен карактер.
„Целта не е казнување, туку почитување на сообраќајните правила и безбедно учество во сообраќајот кое спасува животи“, порачуваат од МВР.
