СДСМ НА КРСТОПАТ – Денешниот 31. Конгрес под сенка на поделби и обвинувања

Конгресот ќе се одржи во два дела, а Филипче ќе има јавно обраќање пред медиумите

СДСМ НА КРСТОПАТ – Денешниот 31. Конгрес под сенка на поделби и обвинувања
Фото: СДСМ

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска во Скопје, во хотелот „Александар Палас“, ќе го одржи својот 31. Конгрес. Според најавите од партијата, Конгресот ќе се одвива во два дела – отворен и работен.

Во рамки на отворениот дел е предвидено обраќање на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кое медиумите ќе можат целосно да го проследат. По завршувањето на овој дел, Конгресот ќе продолжи со работна седница затворена за јавноста.

Конгресот се одржува во период на засилени внатрепартиски тензии во опозицискиот СДСМ. Лидерот Филипче пред два дена на прес-конференција обвини дека поранешни членови и функционери на партијата работат во корист на власта, наместо да се фокусираат на, како што рече, лошите политики на актуелната извршна власт.

Филипче посочи дека критиките насочени кон него и кон раководството доаѓаат од „поединци кои се уценети или купени“, додавајќи дека членството и поддржувачите на СДСМ јасно ги препознаваат обидите за слабеење на опозицијата. Тој нагласи дека нема намера да поднесе оставка, истакнувајќи дека неговата цел останува борбата за заздравување на општеството, искоренување на корупцијата и враќање на државата на европскиот пат.

Според него, СДСМ е обединета партија со компактна и синхронизирана пратеничка група, а процесот на внатрешна консолидација на општинските организации е во тек.

Спротивни ставови изнесоа дел од поранешните високи функционери. Поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, јавно побара Филипче да поднесе оставка, додека поранешниот директор на ТИРЗ, Јован Деспотовски, оцени дека актуелното раководство е единствено одговорно за незадоволството меѓу членството.

Потпретседателката на СДСМ, Јованка Тренчевска, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 на 19 јануари, изрази уверување дека Конгресот ќе биде успешен и дека ќе присуствуваат мнозинството делегати, и покрај, како што рече, обидите од одредени кругови да се оневозможи негово одржување.

Станува збор за отчетен конгрес на кој, според информациите, ќе се отвори и прашањето за резултатите од локалните избори.

Потсетување, во декември минатата година целото раководство на СДСМ поднесе оставка, со исклучок на претседателот Венко Филипче, на негово барање. Оставка тогаш поднесе и заменик-претседателката Фани Каранфилова-Пановска.

CATEGORIES
Share This