КОМЕМОРАЦИЈА ЗА ДРАГАН Б. КОСТИЌ – Семејството и пријателите денес во МКЦ ќе му одадат почит
Семејството и тимот на „Диско селектор“ повикуваат на збогување со легендарниот радиоводител.

Во Младинскиот културен центар (МКЦ) денеска ќе се одржи комеморација во чест на легендарниот радиоводител Драган Б. Костиќ, кој почина на 20 декември 2025 година по кратко боледување.
Комеморацијата ја организира семејството Костиќ заедно со тимот на продукцијата „Диско селектор“.
„Собирот е отворен за сите кои сакаат да оддадат почит и да се потсетат на животот, делото и оставнината на Драган Б. Костиќ“, стои во поканата.
Драган Б. Костиќ е роден во 1950 година во Скопје. Кариерата ја започнал во тогашното Радио Скопје, прославувајќи се и со својот препознатлив глас, и со емисиите „Диско селектор“ (која започна да се емитува во јуни 1974 година) и „Заборави ако можеш“ (која ја водеше од 1991 година).
Костиќ беше еден од најпопуларните радио-водители и музички новинари, легендарен скопски диџеј и голем колекционер на музика. Тој прослави 50 години од емисијата „Диско селектор“ со настанот „Последниот танц“ во арената „Јане Сандански“. Во последните години беше познат и по телевизиското шоу „Б со точка“ и онлајн емисијата „Кавервил“.
Човекот чија препознатлива најава „Драган Б со точка Костиќ“ е врежана во македонското радио и општество, почина на 75 години.
Во времето кога Радио Скопје, а подоцна Македонското радио, беше неизоставен дел од секојдневието, Драган Б. Костиќ се истакна како водител кој ја доведуваше музиката – рокенролот и другите жанрови до секое семејство. Неговата емисија „Диско селектор“ со децении служеше како водич за младите и постарите, запознавајќи ги со новите музички бранови и револуции.
Со огромната колекција плочи, главно набавувани од странство, Костиќ им ги претставуваше на македонските слушатели сите значајни моменти во светската музика, од 50-ите и 60-ите години па наваму. Неговата улога како просветител и музички водич беше речиси незаменлива – преку неговите емисии македонската младина, а и постарите, се чувствуваа како дел од светот, особено во времето на социјализмот, кога интернетот и глобалните медиуми не постоеја.
Дури и по пензионирањето, Костиќ не престана со својата мисија. Тој продолжи да ја образува и забавува публиката преку телевизиското шоу „Б со точка“ оставајќи неизбришлива трага во македонската културна и музичка сцена.


