ПЛЕНКОВИЌ ЈА СПОМЕНА МАКЕДОНИЈА Две држави ја блокираа 21 година, осум услови за Црна Гора, а Србија испраќа „смешни ноти“
Хрватскиот премиер во Брисел проговори за долгогодишните блокади на Македонија, ги повтори барањата кон Црна Гора и остро му одговори на Белград.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска во Брисел изјави дека Хрватска јасно и транспарентно ги претставила осумте нерешени прашања што Црна Гора мора да ги надмине за да продолжи со напредокот во пристапните преговори со Европската Унија.
Според него, станува збор за прашања што со години остануваат отворени, а се директно поврзани со европските вредности и обврските што произлегуваат од идното членство во Унијата.
Објаснувајќи ја позицијата на Загреб, Пленковиќ направи споредба со долгогодишните блокади на македонскиот евроинтеграциски процес.
„Постојат две држави поради кои институционалното приближување на Северна Македонија кон Европската Унија од 2005 до 2026 година траеше 21 година. Хрватска не го прифати тој пристап“, изјави Пленковиќ.
Тој нагласи дека, и покрај сложеното историско наследство и отворените прашања со Црна Гора, Хрватска настапува конструктивно и очекува конкретни резултати.
„Доста транспарентно наведовме осум точки што се нерешени со години, а се поврзани со европските вредности, и во кои, за жал, Црна Гора досега не направила чекор напред“, рече хрватскиот премиер.
Хрватска оваа недела доставила документ до земјите членки на Европската Унија, како и до кабинетите на претседателите на Европската комисија и Европскиот совет, во кој детално се образложени нејзините барања кон Црна Гора.
Од вкупно осум барања, шест се однесуваат на поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права, додека преостанатите две се поврзани со поглавјето 31 – Надворешна, безбедносна и одбранбена политика.
Пленковиќ порача дека Хрватска го поддржува европскиот напредок на Црна Гора, но смета дека токму сега е вистинскиот момент за решавање на отворените прашања.
„Сакаме Црна Гора да постигне напредок, но исто така сакаме овие прашања да бидат решени, а сега е моментот“, нагласи тој.
Хрватскиот премиер остро реагираше и на протестната нота што Србија ја испрати до Загреб, обвинувајќи ја Хрватска за мешање во српските политички процеси и изборната трка.
Пленковиќ ги отфрли обвинувањата, оценувајќи ги како неосновани и апсурдни.
„Целосна бесмислица е што Хрватска, веројатно како полунадворешен и полувнатрешен непријател, се меша во политичкиот процес и изборната трка во Србија“, изјави тој.
Српското Министерство за надворешни работи претходно соопшти дека смета оти обидите за надворешно влијание врз изборниот процес се неприфатливи, посочувајќи го и начинот на кој одредени хрватски медиуми известуваат за политичките случувања во Србија.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, обвини дека досега ниту една држава не се мешала во изборите на друга земја во толкава мера.
Коментирајќи ги забелешките од Белград за известувањето на хрватските медиуми, Пленковиќ истакна дека слободата на медиумите не може да биде предмет на дипломатски притисоци.
„Во нашата земја, медиумите се слободни, колку што се сеќавам, и луѓето пишуваат што сакаат и како што мислат дека треба да биде“, рече тој.
Хрватскиот премиер ја заврши својата реакција со порака дека Србија треба да се насочи кон сопствените обврски и напредок, наместо да испраќа дипломатски протести до Загреб.
„Хрватска не се меша, ниту е тоа наша тема, но имаме вредни прашања во кои Србија треба да оди напред, а не да ни испраќа смешни ноти“, заклучи Пленковиќ.

