ОД ФЕМИЦИД ДО ПСИХИЈАТРИЈА НА СЕРИСКИТЕ УБИЈЦИ Над 200 експерти од светот се собираат во Охрид

Меѓународната конференција за форензичка психијатрија од 16 до 18 октомври ќе отвори прашања за семејното насилство, заштитата на децата, кривичната одговорност и менталното здравје во затворите.

ОД ФЕМИЦИД ДО ПСИХИЈАТРИЈА НА СЕРИСКИТЕ УБИЈЦИ Над 200 експерти од светот се собираат во Охрид
Фото: Принтскрин

Охрид од 16 до 18 октомври ќе биде домаќин на Меѓународната конференција за форензичка психијатрија, која ќе собере повеќе од 200 домашни и странски експерти од областа на психијатријата, судската медицина, правото и сродните научни дисциплини.

Конференцијата ќе се одржи во Конгресниот центар на хотелот „Инекс Олгица“, во организација на Македонската психијатриска асоцијација, предводена од проф. д-р Антони Новотни, и ЈЗУ Универзитетската клиника за психијатрија, на чие чело е проф. д-р Славица Арсова.

Настанот се организира со поддршка на Светската психијатриска асоцијација (WPA), чија Секција за форензичка психијатрија ја предводи проф. д-р Новотни.

На конференцијата се очекуваат меѓународни предавачи од Канада, Германија, Соединетите Американски Држави, Мексико, Хрватска, Србија, Словенија и Шведска.

Покрај психијатрите, учество ќе земат и претставници на Институтот за судска медицина, Комората за вештаци, специјалисти по трауматологија и претставници на Министерството за правда.

Во фокусот на тридневната конференција ќе бидат повеќе чувствителни и актуелни општествени прашања, меѓу кои заштитата на децата и постапувањето во случаи на злоупотреба, семејното насилство и фемицидот.

Посебно внимание ќе биде посветено на психијатриската процена на одговорноста на лицата вклучени во судски постапки, како и на утврдувањето на нивната способност да учествуваат во судскиот процес.

Експертите ќе разговараат и за состојбите со менталното здравје во затворите, правата на пациентите и почитувањето на етичките стандарди во психијатриската практика.

Меѓу темите се и деменцијата и нејзиното влијание врз правната способност, проблемите поврзани со зависностите, како и форензичката психијатриска експертиза на сериските убијци.

Целта на конференцијата е размена на меѓународни искуства и стручни сознанија за прашања во кои се испреплетуваат менталното здравје, кривичната одговорност, судските постапки и заштитата на човековите права.

За медиумите се предвидени изјави на 16 октомври, во 9:30 часот, како и за време на свечениот прием истиот ден во 20 часот.

Организаторите ги покануваат медиумските екипи да го проследат настанот, кој ќе овозможи размена на знаења и искуства меѓу домашни и меѓународни експерти.

Деталната програма и дополнителни информации за конференцијата се достапни на официјалната интернет-страница на Македонската психијатриска асоцијација, www.pam.mk.

CATEGORIES
Share This