35 ГОДИНИ САМОСТОЈНА МАКЕДОНИЈА Актери од тоа време сведочеа за настаните

Поранешни политичари и новинари говореа за атмосферата во 1991 година и за дилемите што ја следеа Македонија во првите години на независноста.

35 ГОДИНИ САМОСТОЈНА МАКЕДОНИЈА Актери од тоа време сведочеа за настаните
Фото: Принтскрин

По повод 8 Септември – Денот на независноста и одбележувањето на 35-годишнината од независноста, под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на платото пред Вила Водно се одржа панел-дискусија посветена на историскиот пат кон создавањето на самостојна македонска држава.

Панелот, насловен „8 Септември низ призма на негови непосредни учесници и сведоци“, го модерираше Стојан Трпчевски.

За референдумот од 1991 година, но и за клучните политички настани од деведесеттите години и периодот што следуваше, говореа дел од непосредните учесници во процесите: Туше Гошев, Насер Зибери, Ламбе Арнаудов, Мухамед Халили, Петар Гошев, Благој Ханџиски, Тодор Петров, Славе Наумовски и Ѓулистана Марковска, како и новинарите и уредници Панде Колемишевски и Александар Чомовски.

Настанот започна со настап на детскиот хор „Златно Славејче“, кој ја изведе државната химна „Денес над Македонија“, како и песната „Земјо моја“.

Во своето обраќање, претседателката Сиљановска-Давкова оцени дека генерацијата што го спроведе процесот на осамостојување исполнила важна државотворна задача, но нагласи дека создавањето држава не завршува со изборите, Уставот и формирањето на институциите.

Според неа, тоа бил само почеток на долг процес на градење стабилна, функционална и ефикасна демократија.

Таа ја истакна улогата на првиот парламентарен состав, експертската влада и политичарите Киро Глигоров, Стојан Андов, Никола Кљусев, Петар Гошев и Абдурахман Алити, оценувајќи дека нивното знаење, умереност и државничка одговорност овозможиле Македонија да се осамостои по мирен пат, во период на крвав распад на Југославија.

Сиљановска-Давкова посочи и дека високата излезност на референдумот и огромната поддршка за независноста му даваат плебисцитарен карактер и силен демократски легитимитет на процесот на осамостојување.

На панелот беа отворени повеќе прашања поврзани со референдумот и создавањето на независната држава – од правните и политичките аспекти, до етничките односи и атмосферата пред и по референдумот.

Говорниците се осврнаа и на дилемите околу формулирањето на референдумското прашање, разликите во поглед на уставното дефинирање на државата, како и на ставовите на албанските политички партии во тој период.

Туше Гошев го истакна значењето на мнозинскиот изборен систем, критикувајќи го пропорционалниот модел, за кој оцени дека дел од суверенитетот го префрла од граѓаните кон политичките партии.

Насер Зибери потсети на укажувањата и предупредувањата од страна на претставниците на Албанците во периодот пред референдумот и при донесувањето на Уставот. Тој повика на поголемо учество на граѓаните во процесите на одлучување и на практикување политика насочена кон повисоки цели и интересите на граѓаните.

Ламбе Арнаудов оцени дека првиот парламентарен состав покажал висока политичка свест во најзначајниот период од создавањето на државата, посебно нагласувајќи ја важноста на Декларацијата за независност.

Мухамед Халили изрази жалење што во тој период ставовите на албанските партии не биле навреме и соодветно разбрани. Тој упати и критики кон тогашната власт поради, како што оцени, недоволниот придонес во унапредувањето на меѓуетничките односи, што подоцна довело до нови несогласувања.

Петар Гошев ја нагласи неприкосновената историска важност на АСНОМ во создавањето на македонската државност. Тој потсети дека Македонија како рамноправна држава влегла во југословенската федерација, а подоцна, врз основа на правото на самоопределување, се раздружила и станала независна држава.

Гошев, исто така, укажа на затвореноста на процесите на одлучување во мал политички круг, како и на постоењето тајни разговори и преговори за прашања од суштинско значење за државата.

Благој Ханџиски го истакна државничкиот пристап на Киро Глигоров и порача дека за решавање на крупните државни прашања е неопходно политичко обединување и консензус, особено во контекст на европската интеграција.

Тодор Петров говореше за предизвиците со кои се соочувал како еден од поактивните пратеници во првиот повеќепартиски парламент, но и за проблемите и опструкциите со кои, како што посочи, се соочувал подоцна како претседател на Светскиот македонски конгрес.

Славе Наумовски, кој бил член на Комисијата за надворешни работи, се осврна на нејзината работа и улогата што ја имала во првите години од независноста, особено во периодот поврзан со апликацијата на Македонија за членство во ООН.

Ѓулистана Марковска оцени дека првиот парламентарен состав бил и останал еден од најдемократските парламентарни состави досега. Таа изрази загриженост поради, како што рече, постепеното јакнење на партократијата на сметка на демократијата.

Од медиумски аспект, Панде Колемишевски говореше за значајната улога на новинарите и медиумите во процесот на осамостојувањето. Тој оцени дека остануваат бројни прашања и нејаснотии околу независноста кои треба да бидат дополнително истражени и научно обработени.

Александар Чомовски се осврна на резервираноста и стравот кај дел од тогашните политички елити во однос на најважните одлуки поврзани со државата и демократијата. Тој ја нагласи потребата од научно и стручно истражување на поновата македонска историја, посочувајќи го Институтот за национална историја како институција со капацитет за таква задача.

Како заедничка порака од панел-дискусијата беше издвоена потребата по примерот на 1991 година повторно да се постигне политичко обединување и консензус околу најважните државни прашања.

Според учесниците, токму од способноста за надминување на политичките поделби и постигнување поширок консензус ќе зависи иднината на државата, но и перспективата и просперитетот на младите генерации.

CATEGORIES
Share This