40 ПОЖАРИ ЗА ЕДЕН ДЕН, ЧЕТИРИ И НАТАМУ ГОРАТ Најкритично е на Скопска Црна Гора

Кај Брвеница и Селце огнот повторно се разгорел, а најкритично е кај Рамно.

40 ПОЖАРИ ЗА ЕДЕН ДЕН, ЧЕТИРИ И НАТАМУ ГОРАТ Најкритично е на Скопска Црна Гора
Фото: Принтскрин

Во текот на вчерашниот ден во земјава биле регистрирани 40 пожари на отворен простор, од кои околу 30 биле изгаснати, додека четири и натаму се активни.

Најкомплексна останува состојбата кај месноста Рамно на Скопска Црна Гора, каде што пожарот се шири на тешко пристапен терен. Во гаснењето, покрај скопските пожарникари и тимовите на ДЗС, се вклучени и припадници на „Национални шуми“, 30 припадници на Армијата и полициски хеликоптер.

Пожарот што неколку дена беше активен на македонско-косовската граница е целосно изгаснат, при што во моментов нема горење ниту од македонска, ниту од косовска страна.

Пожарот кај Брвеница, иако вчера бил ставен под контрола, повторно се активирал во текот на ноќта. Пожарникарите и екипите на ДЗС интервенирале до раните утрински часови, кога огнот повторно бил ставен под целосна контрола. Во текот на денот ќе продолжат проверките поради опасност од ново разгорување.

Изгаснат е и пожарот кај Руѓинце во Општина Старо Нагоричане. Активен останува и пожарот кај Белица во Македонски Брод. Во текот на ноќта немало сериозно горење, но пожарот повторно се активирал со порастот на температурите. На терен интервенираат пожарникарите од Македонски Брод.

Повторно се активирал и пожарот кај Селце во струшкиот регион. Огнот во текот на ноќта бил намален, но утрово повторно се разгорел. Во неговото гаснење се ангажирани пожарникари од Струга, а планирана е и воздухопловна поддршка.

Пожарот кај Тајмиште во кичевскиот регион е ставен под целосна контрола.

CATEGORIES
Share This