ЗГОЛЕМЕН СООБРАЌАЈ НА ПАТИШТАТА – АМСМ со апел за внимателно возење
Коловозите се суви, но возачите се повикуваат да ја намалат брзината и да внимаваат на критичните патни правци.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, коловозите се суви, но АМСМ апелира до возачите на зголемено внимание поради засилениот интензитет на сообраќајот.
Според информациите од АМСМ, фреквенцијата на возила на патните правци надвор од градските средини е зголемена. На граничните премини од македонска страна, засега, нема подолги задржувања при влез и излез од државата.
Од АМСМ препорачуваат возачите да ја прилагодат брзината според условите на патот, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и внимателно да управуваат со возилата.
Особено внимание се препорачува на патиштата низ котлини, речни долини и клисури, каде постои можност од појава на одрони. На ризик се посочуваат делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

