26.000 КИЛОМЕТРИ ЗА ЕДНА ПЕСНА По 35 години Маријана и Росана повторно заедно
„Благодарам, сестричке“: Маријана се врати од Австралија, а средбата со Росана доби музичка приказна.

По повеќе од 35 години, легендарните близначки Маријана и Росана повторно ги споија своите гласови во нова песна. „Засекогаш млади“ е нивната нова музичка приказна, создадена заедно со Дац и Александар Митевски. Четворицата ги поврзуваат музиката, долгогодишното пријателство, искрената дружба, многу смеа и бројните настапи низ Македонија. Новата песна носи ретро-диско звук инспириран од седумдесеттите години, со весела мелодија, топли вокали и носталгичен дух.
Автор на музиката и аранжманот е Александар Митевски, кој текстот го создаде во соработка со познатиот текстописец Огнен Неделковски. За мастерингот се погрижи Дарко Димитров.
„Беше доживување да се направи песна, да се соработува и пее со сестрите близначки, легенди на едно наше време. Време кога уште како дете сум ги гледал маѓепсан на ТВ екраните. Јас како најмлад во овој проект учев од величини како Дац, Маријана и Росана, за да направиме музичка и видео магија која ќе се всели во секое срце“, вели Александар Митевски.
Според Дац, самиот наслов „Засекогаш млади“ носи порака која многумина можат да ја препознаат во својот живот.
„Засекогаш млади“ е едноставна реченица со исклучително длабока мисла. Луѓето од памтивек трагаат по бесмртноста и вечната младост. Кога тој стремеж би се преточил во музика, текст и видео, би изгледал токму вака – како нашиот најнов проект и соработка со Маријана и Росана. Песната и спотот се создадени во тој дух, носејќи со себе прекрасен ретро карактер кој буди носталгија“, вели Дац.
Главната порака на песната е едноставна: „Живеј го животот, зашто нема реприза.“
„Засекогаш млади“ потсетува дека младоста не е само бројка, туку чувство, енергија и желба за живот. Песната нè враќа во времињата на безгрижната младост, искрените пријателства и радоста во малите нешта.
Посебна димензија на целата приказна е враќањето на Маријана во Македонија. За повторно да застане на сцената со својата сестра Росана, таа поминала околу 26.000 километри.
„Ова е враќање дома. Срцето ми е полно. Повторно сум во Македонија, покрај мојата Росана и пред публиката што никогаш не нè заборави. Новата песна и дружбата со Дац и Александар ми донесоа моменти што ќе ги чувам засекогаш. Ова не е само враќање на сцената – ова е враќање дома“, вели Маријана.
Росана, пак, не ја крие радоста што повторно ја има сестра си покрај себе.
„Како да не бидам среќна кога мојата Маријана повторно е покрај мене? Имаме песна во која веруваме, прекрасна соработка со Дац и Александар и спот што изгледа како сон претворен во филм. Благодарам, сестричке, што помина 26.000 километри за повторно да пееме и да создаваме спомени. Тоа е љубов што не се мери со километри“, вели Росана.
Приказната е дополнета со видеоспот кој носи ретро атмосфера, хумор и емотивни моменти. Како симпатичен мотив се појавува и кенгурот што Маријана симболично го носи со себе од Австралија. Кенгурот е создаден со помош на најнови AI алатки за визуелни ефекти, а неговата улога е да внесе дополнителна разиграност и топлина во видеото. Воедно, тој ја симболизира врската со македонската дијаспора, која и покрај илјадниците километри Македонија ја носи во своето срце.
Видеоспотот е поддржан од компанијата ЗЕГИН и брендот K-Beauty.
„Засекогаш млади“ не е само нова песна. Таа е приказна за сестринската љубов, пријателството, враќањето дома и спомените од едно време во кое можеби имавме помалку, но умеевме повеќе да се радуваме.
Песната веќе се емитува на радио станиците низ Македонија, а Маријана, Росана, Дац и Александар ја промовираат и преку своите заеднички настапи.
Пораката останува едноставна и безвременска: живеј го животот – затоа што нема реприза.

