11 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ВО БАНКИТЕ Еве колку имаат граѓаните, а колку компаниите
Депозитите во јуни пораснале за 224 милиони евра, додека кредитната задолженост се зголемила за 131,9 милиони евра. Граѓаните во банките имаат 7,4 милијарди евра депозити, а компаниите 3,1 милијарда евра.

Граѓаните и компаниите во текот на јуни дополнително депонирале 224 милиони евра во банките, со што вкупниот износ на депозитите достигна речиси 11 милијарди евра, односно 10,98 милијарди евра. Во истиот период, кредитната задолженост се зголемила за 131,9 милиони евра и достигнала 9,6 милијарди евра, покажуваат најновите податоци на Народната банка.
На годишно ниво, вкупните депозити се зголемени за 9,9 проценти, додека само во јуни нивниот раст изнесува 2,1 процент. Истовремено, вкупните кредити за една година пораснале за 13,1 процент, а на месечно ниво за 1,4 процент. Растот е забележан кај двата главни сектора. Кај депозитите, поголем придонес имаат домаќинствата, додека кај кредитирањето предничат компаниите.
ДОМАЌИНСТВАТА СО 7,4 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ДЕПОЗИТИ
Депозитите на домаќинствата во јуни пораснале за 0,7 процент и достигнале 7,4 милијарди евра. Растот главно се должи на зголемувањето на долгорочните депозити и депозитните пари. На годишно ниво, депозитите на населението се повисоки за 10,5 проценти.
Во исто време, граѓаните имаат кредитна задолженост од речиси 4,8 милијарди евра. Во јуни таа е зголемена за 1,3 процент, што, според Народната банка, во целост се должи на растот на кредитирањето во денари, додека кредитите во странска валута бележат намалување. Во споредба со истиот период минатата година, задолженоста на домаќинствата е зголемена за 12,1 процент.
Најголем дел од кредитите на граѓаните отпаѓа на потрошувачките кредити, чиј вкупен износ надминува 2,4 милијарди евра. Тие во јуни пораснале за 1,5 процент, а на годишно ниво за 11,8 проценти. Станбените кредити, пак, се зголемиле за 1,6 процент во текот на јуни и за 16,6 проценти на годишно ниво. Вкупната задолженост на граѓаните по овој основ достигнува околу 1,9 милијарди евра.
Автомобилските кредити во јуни се намалиле за 0,6 процент, но на годишно ниво бележат раст од 7,8 проценти. Задолженоста преку кредитни картички е зголемена за 0,4 процент на месечно ниво, но во однос на лани е намалена за 4 проценти. Негативните салда на тековните сметки бележат месечен раст од 0,9 процент и годишен од 2,1 процент. Кај кредитите одобрени по други основи, пак, има намалување од 2,4 проценти на месечно и 11,2 проценти на годишно ниво.
КОМПАНИИТЕ СО 3,1 МИЛИЈАРДИ ЕВРА ДЕПОЗИТИ
Корпоративниот сектор во банките има депонирано околу 3,1 милијарда евра. Само во јуни депозитите на компаниите пораснале за 5,2 проценти, додека на годишно ниво се зголемиле за 8 проценти. Во истиот период, компаниите го зголемиле користењето банкарски кредити за 1,4 процент. На годишно ниво, корпоративното кредитирање бележи раст од 14,2 проценти. Од Народната банка посочуваат дека зголемувањето на кредитирањето се должи на растот и на денарските и на кредитите во странска валута, со поголем придонес на денарското кредитирање. Вкупната кредитна задолженост на компаниите изнесува околу 4,8 милијарди евра.
РАСТЕ И ПАРИЧНАТА МАСА
Податоците на Народната банка покажуваат и продолжување на растот на паричната маса М3, која во јуни достигнала 10,6 милијарди евра. На месечно ниво, паричната маса е зголемена за 1,8 процент, главно поради растот на депозитните пари и краткорочните депозити, и покрај намалувањето на готовината во оптек. На годишна основа, М3 е повисока за 9,7 проценти, што укажува на продолжена експанзија на депозитната база и зголемена ликвидност во банкарскиот систем.


