КИНО НА ПЛАЖА, НА БРОД И ПОД ОТВОРЕНО НЕБО Охрид се претвора во филмска сцена
Деветтото издание на Beach Film Festival носи пет дена филмска магија, десетици европски филмови и проекции на четири уникатни локации во Охрид.

Beach Film Festival, фестивалот на нов европски филм, од 22 до 26 јули 2026 година ќе го одржи своето деветто издание во Охрид. Пет фестивалски денови, четири атрактивни локации и десетици филмови под отворено небо повторно ќе ја донесат филмската магија на плажите, бродот и брегот на Охридското Езеро.
Годинашната програма опфаќа официјални селекции на долгометражни, краткометражни и студентски филмови од повеќе европски земји, специјална селекција, детска програма, како и бројни едукативни содржини.
Фестивалот останува посветен на својата основна идеја – филмот да биде достапен за сите, да се споделува и да се доживува заедно, под ѕвездите и покрај езерото.
Фестивалот стартува со вечер посветена на македонскиот филм
Фестивалската претпрограма ќе се одржи на 21 јули на плажата Сараиште, ден пред официјалното отворање. Публиката ќе има можност да проследи две македонски долгометражни остварувања.
Од 20:30 часот ќе биде прикажан филмот „Железна тврдина“ на Митко Панов, а од 22:00 часот следува „Самоуништување“ на Ербил Алтанај.
Проекцијата на „Самоуништување“ е организирана по повод 30 години од премиерата на култниот македонски филм. Влезот на плажата Сараиште е бесплатен.
Од „Being Maria“ до кино на вода
Официјалната селекција на долгометражни филмови ќе биде отворена на 22 јули на плажата Славија со филмот „Being Maria“ на режисерката Џесика Палид, со почеток во 20:30 часот.
Еден од најатрактивните настани во рамките на фестивалот ќе биде специјалната проекција на „The Instinct“ на Хуан Албарасин. Филмот ќе се прикажува на 25 јули од 21:30 часот на бродот Армада, овозможувајќи ѝ на публиката уникатно филмско доживување среде Охридското Езеро.
Фестивалот ќе заврши на 26 јули на плажата Славија со специјалната проекција на „Приказната за Силјан“, најновото дело на македонската режисерка Тамара Котевска, со почеток во 21:00 часот.
Истата вечер, од 20:45 часот, во рамките на Специјалната селекција ќе биде прикажан и филмот „Silent Cinema“ на Крсте Господиновски.
Во програмата се застапени и краткометражната и студентската селекција, во која се наоѓаат филмовите „Rituals“ на Филипо Мараско, „Dear Mother“ на Теодор Солин и „Shadows of the Moon“ на Тина Величковиќ.
Дел од фестивалската програма е и специјалната селекција посветена на современиот турски филм, во рамките на која ќе бидат прикажани „One of Those Days When Hemme Dies“ на Мурат Фиратоглу и „As We Breathe“ на Сејхмус Алтун. Програмата е реализирана со поддршка на Амбасадата на Република Турција во Северна Македонија.
Меѓународно жири од четири земји
За наградите на деветтото издание ќе одлучува меѓународно жири составено од автори и филмски професионалци од четири земји.
Во жирито се Ана Хут од Полска/Берлин, филмска експертка, професорка на Филмската школа „Кшиштоф Кјешловски“ и експертка на програмата Creative Europe MEDIA; Кеми Перес од Канарските Острови, Шпанија, режисер, продуцент и сценарист; канадската актерка и режисерка Хана Грос, позната по улогите во „The Adults“, „Falling“, „The Mountain“ и серијата „Mindhunter“; како и српскиот сценарист и режисер Срѓан Анѓелиќ, автор на филмовите „Munje!“, „Do koske“ и „Munje Opet!“.
Мастер-класови и филмски работилници
Едукативната програма годинава носи три мастер-класи, наменети за млади автори, студенти и филмски професионалци.
Ана Хут ќе одржи мастер-клас на 23 јули во 17:00 часот на бродот Армада, со поддршка на Канцеларијата на Креативна Европа МК и Агенцијата за филм на РСМ.
Мастер-класот на Кеми Перес е закажан за 24 јули во 18:00 часот во Хотел Пела, со поддршка на Амбасадата на Шпанија во Скопје, AECID и Агенцијата за филм на РСМ.
Срѓан Анѓелиќ ќе го одржи својот мастер-клас на 25 јули во 18:00 часот во Хотел Пела, со поддршка на Агенцијата за филм на РСМ.
Од 22 до 25 јули ќе се одржи и хорор работилница за средношколци и млади, посветена на играниот хорор филм. Работилницата ќе биде под менторство на Ангела Грозданов, со поддршка на Goethe-Institut Skopje.
Во рамките на фестивалот се предвидени и средби со авторите на филмовите кои ќе бидат прикажани.
Програма и за најмладите
Најмладите посетители и годинава ќе имаат своја фестивалска програма. Детските проекции ќе се одржуваат на плажата Сараиште, во соработка со Institut français, Goethe-Institut Skopje и Амбасадата на Република Словенија.
Проекциите ќе се одржуваат на четири локации во Охрид, со различен режим на влез.
На плажата Славија билетите чинат 150 денари и може да се купат онлајн или на самото место на денот на проекцијата. На плажата Сараиште влезот е бесплатен.
За проекциите на бродот Армада билетите чинат 200 денари и се достапни исклучиво онлајн, во ограничен број. Програмата во Младинскиот центар Охрид е со бесплатен влез.
Билетите се достапни онлајн преку tix.mk, а линкот за продажба е објавен и на официјалниот Instagram профил на фестивалот. Целосната програма е достапна на bff.mk.
„Beach Film Festival го градиме со многу љубов и ентузијазам, а секоја година се обидуваме да донесеме филмови што ќе ја изненадат публиката и ќе создадат нови разговори. Охрид има посебна енергија во лето, а кога ќе се спојат филмовите, зајдисонцата и луѓето, се создава атмосфера што не може да се доживее никаде на друго место. Најголемата награда за нас е кога ќе видиме полна публика и ќе почувствуваме дека филмот навистина ги поврзал луѓето под истото небо покрај Охридското Езеро“, вели Моника Зафировска.
Beach Film Festival е фестивал на нов европски филм кој се одржува во Охрид како мултимедијален и мултидисциплинарен настан. Неговата цел е преку новите европски филмски остварувања да поттикне дијалог, критичко размислување и општествена активност, но и да понуди квалитетна летна културна програма.
Фестивалот ги доделува наградите „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм, „Голем бран Стефан Сидовски“ за најдобра актерска остварба, како и „Мал бран“ за најдобар краткометражен и најдобар студентски филм.


