СЕДМИОТ АВИОН НА „ВИЗ ЕР“ СЛЕТУВА ВО СКОПЈЕ Македонија станува сè поважна воздушна дестинација

Над 2 милиони патници ги користеле аеродромите во Скопје и Охрид во првите шест месеци од годинава, а најавите се за нови линии, повеќе летови и дополнителен развој на авионскиот сообраќај.

СЕДМИОТ АВИОН НА „ВИЗ ЕР“ СЛЕТУВА ВО СКОПЈЕ Македонија станува сè поважна воздушна дестинација
Фото: Национал

Со стационирањето на седмиот авион на „Виз Ер“ во Скопје, Македонија дополнително ја зацврстува својата позиција на регионалната воздушна мапа. Надлежните очекуваат зголемување на бројот на дестинации и патници, отворање нови работни места, како и дополнителен придонес за развојот на туризмот и економијата.

Летањето од некогашна привилегија постепено прераснува во дел од секојдневието на сè поголем број граѓани. Со проширувањето на базата во Скопје, „Виз Ер“ испраќа сигнал за понатамошно зајакнување на своето присуство на македонскиот пазар.

Од ТАВ Македонија оценуваат дека стационирањето на новиот авион претставува потврда за довербата во македонскиот пазар и позитивен сигнал за продолжување на растот на воздушниот сообраќај.

Дополнителен показател за развојот е и бројот на патници. Од вкупно 15 аеродроми со кои управува ТАВ, македонските аеродроми бележат најголем пораст на патничкиот сообраќај. Во последните години македонскиот авиосообраќај бележи континуиран раст. Се воведуваат нови авиолинии, се зголемува бројот на патници, а со тоа се подобрува и поврзаноста на земјата со европските и светските дестинации.

Трендот на раст продолжува и годинава. Во првите шест месеци низ аеродромите во Скопје и Охрид поминале повеќе од два милиони патници, што дополнително го потврдува значењето на воздушниот сообраќај за поврзаноста и економскиот развој на земјата.

CATEGORIES
Share This