Кој го штити „Св. Наум Охридски“ – МОН и ДПИ молчат за низа пријавени нерегуларности
Очекувам министерке Јаневска и Вие В.Д директорке на Државниот просветен инспекторат Мелинда Рашиди да постапите по доставените претставки од вработените и родителите на децата и да се изврши вонреден инспекциски надзор од страна на ДПИ во Државното средно училиште со ресурсен центар „Св. Наум Охридски“ Скопје, за надминување на незаконитостите во овој ресурсен центар.

Колумна, Национал
Ѓорѓи Илиевски, Виш државен просветен инспектор во пензија
Четврток, 13 август 2026 година.
По добиени материјали по мејл и претставки од страна на група вработени и група родители, истите реагираат што доставените претставки, а заведени и примени во архивата на Државниот просветен инспекторат (ДПИ) на ден 12.02.2026, 27.03.2026 и 28.05.2026 за што биле запознати и одговорните во Министерството за образование и наука (МОН), со цел да се изврши вонреден инспекциски надзор во ДСУРЦ „Св.Наум Охридски“ Скопје, не се извршени и прашуваат Зошто не се извршуваат вонредни инспекциски надзор од страна на ДПИ? Бараат одговор!
Што содржат претставките од вработените и родителите ДСУРЦ„Св.Наум Охридски“ Скопје до ДПИ и МОН
По доставената претставка од група вработени и група родители која е заведена во архивата на ДПИ и доставенa на ден 12.02.2026 година за извршување вонреден инспекциски надзор наведуваат и бараат: „ Како долгогодишни просветни работници во ДСУРЦ„Св.Наум Охридски“ Скопје кои воспитуваат и образуваат ученици со попреченост со љубов, внимание, трпеливост и целосна одговорност кон учениците, родителите и колегите чувствуваме потреба да Ве запознаеме со реалната состојба на незаконското работење во нашето училиште. Во претставката наведуваат, дека од 20.01.2026г. скоро еден месец наставничката која предава во машинската струка е на боледување. За време на овој период часовите кои ги предава во класовите II-3, II-4, III-3 се запишани во електронски дневник како одржани, а во забелешка пишува дека часовите ги одржал наставникот Златко Маројевиќ. Наставникот Златко Мароевиќ од почетокот на второ полугодие, стои во претставката, не одржал ниту еден час кој треба да го предава друг наставник освен неговите, ниту е задолжен усно или писмено од раководството. (Во прилог доказ од електронски дневник)… или во точка 2 од преставката стои: „ во класот I-3 секој петок првиот час е празен, никој не го запишува, а не знаеме дали некој го одржува… понатака во точка 3 од претсавката наведуваат:
„На 09.02.2026 г. претседателот на Училишниот одбор и секретарот ни закажуваат седница за на 12.02.2026г. во 12 часот на која треба да се избере и предложи кандидат за директор до МОН. Членовите потврдуваат присуство, притоа надворешните и родителите побарале излез од работа/слободен ден за да присуствуваат. На 11.02.2026г. во 11 и 30 часот секретарот известува дека седницата се поместува за на 13.02.2026г.(петок) поради тоа што советникот од Бирото за развој на образованието (БРО) од лични причини не може да присуствува. Седницата се презакажува во среда 11.02.2026 за во петок 13.02.2026г. и притоа не се запазува рокот според Деловникот на работа на Училишниот одбор да се закаже 3 дена од одржувањето. На барање на член во Училишниот одбор да се презакаже за наредната недела Претседателот одговара негативно, а на прашање да се даде писмен доказ до членовите за тоа Претседателот испраќа слика од мејл од БРО за промена на номинација на советникот пратен истиот ден во 11 и 51 часот и мејл од променетиот советник пратен во 19 и 41 часот истиот ден. Мејловите се добиени покасно односно после презакажување на седницата од страна на секретарот. Се сомневаме дека постои притисок од ВД директорот и останатите членови во Училишниот одбор. Под точка 4 од претставката се наведува дека: „ Во училиштето има нарушена клима за работа, недостаток на комуникација и недостаток на соработка кои директно или индиректно се рефлектираат врз квалитетот на наставата и воннаставните активности со нашите ученици…“
Втората претставка доставена до ДПИ преку архивата заведена на ден 27.03.2026 година поднесена од страна на група вработени се наведува: „Почитувани, незаконското работење и омаловажување и непочитување на вработените во ДСУРЦ„Св.Наум Охридски“ Скопје од страна на директорот Јордан Стојановски продолжува иако беше посетен неколку пати од Ваша страна. (Записник ИП1бр.31-987 од 29.01.2026 г. од страна на државните просветни инспектори Мирјана Наскоска и Тони Илиев, по иницијатива на директорот Јордан Стојановски)
Имено, групата вработени наведуваат во претставката дека на седница на Наставничкиот совет (НС) на ден 10.03.2026 г. „директорот известува дека новиот дефектолог Александар Куртевски му назначува ментор од друго училиште. Го прашуваме зошто од друго училиште? Кога ние имаме дефектолог којшто 11 години работи посветено и професионално, постојано се доусовршува, поседува професионални компетенции, има успешно ментортсво во изминатиот период и е во секојдневна комуникација и подршка на сите вработени. Добивме одговор дека Директорот има „ексклузивно право“ да си назначи ментор и дека има причини (најверојатно лични).
Прво: Дали ова не е кршење на Законот за наставници и стручни соработници (ЗНИСС) (член 2,став 7, 8, 9 и 10) при назначување на ментор и зарем не е деградација и омаловажување на своите вработени па бараме од друго училиште?
Второ: Доколку нема соодветен кадар стои во претставката со професионални компетенции од нашето училиште (а има) според ЗНИСС ментор треба да побара од друго Средно училиште на ниво на Град Скопје, а во случајов директорот назначува ментор којшто нема звање ментор и е од Основно образование, а не од Средно…во претставката стои дека: „самиот директор којшто е графички инжењер пред неколку години беше ментор на дефектолог (на кој не му беше продолжен договорот) иако не поседува професионални компетенции за менторирање на стручен соработник бидејќи е наставник….“
Понатака се наведува во претсавката под точка 2 дека „ Седниците на Наставничкиот совет ги свикува согласно член од стариот Статут на ДСУ за рехабилитација и образование, иако од 1 септември 2025г. сме трансформирани во ресурсен центар и имаме нов Статут за работа со што навистина ја навредува интелигенцијата на членовите на Наставничкиот совет. Притоа, седниците се закажуваат за време на часови во 11 и 20 часот, без никаква одговорност дека ние работиме со ученици со попреченост и каде ќе бидат тие деца за време на наставничкиот совет….па се наведува во преставката на седница на Наставничкиот совет директорот известува дека назначува кариерен советник, наставник по математика со полн фонд на наставни часови и притоа го прекршува Законот за средно образование со тоа што сам го избира и назначува кариерниот советник, а во Законот за средно образование (член 31б став 2) стои: Кариерен советник се определува на Предлог на Наставничкиот совет.
Ние како наставници и членови на Наставничкиот совет воопшто не сме прашани да дадеме предлог. Во точката 3 од претставката следи наредната небулоза и тоа: „На 10.02.2026г. училиштето распишува оглас за вработување на наставник по математика. На огласот се пријавуваат тројца кандидати од кои 1 дефектолог, 1 економист и 1 наставник по македонски јазик. Комисијата,. констатира дека нема соодветен кандидат и огласот се поништува. На 19.03.2026 г. тајно пушта оглас на ден пред продолжен викенд. Огласот трае 3 дена и на него се пријавува само кандидат со завршен Економски факултет. Истиот кандидат како несоодветен ќе се предложи за наставник по математика??? Дали економист е посоодветен сега од дефектолог за настава со ученици со попреченост? Во огласот стои дека треба да поседува педагошка и дефектолошка доквалификација, а кандидатот со економски факултет не е наставник. На кој ги препуштаме ние учениците со попреченост? И со право на крај завршува преставката од група вработени: „Во училиштето веќе подолг период владее лоша клима за работа. Вработени со работно искуство 20-30 години со деца со попреченост изјавуваат дека „полошо од ова никогаш не било“. Дали треба да дозволиме некој да си остварува лични и политички интереси врз грбот на просветни работници и ученици со попреченост. До кога ова ќе трае?
Третата претставка доставена во ДПИ преку архивата заведена на ден 28.05.2026 година поднесена од страна на група родители на ученици, која е потресна се наведува: „ Дали сите наставници се во состојба да работат со нашите деца? Верувајте дека има наставници кои ништо не работат со нашите деца и им е дозволено од директорот. (Графичка струка-наставник кој го менува директорот) или се наведува во претставката: Безбедноста на нашите деца? Само треба да поминете и да видите дека портата е широко отворена секогаш може да влезе и излезе кој сака, а притоа во училиштето нема ниту обезбедување, ниту портир што е премногу опасно за ученици со попреченост бидејќи не’ сите родители сме во можност да сме присутни секој ден во училиштето за да внимаваме на своите деца….„.
Паркинг? Наведуваат во претставката: „ Откако половина од училиштето и паркингот позади училиштето е отстапен на ОУРЦ „Иднина“, ние нашите деца не можеме да ги оставиме во двор со автомобил бидејќи паркингот е само пред училиштето и секогаш е преполн, а да не зборуваме дека не постои шанса да се паркираме во дворот. Ученици со инвалидска количка не можат да влезат и излезат од колите кои се паркирани една до друга и нема простор за движење нашите деца“.
Понатака наведуваат родителите:„ Нашите деца коишто учат втора и трета година во текстилна струка веќе 2 месеци немаат практична настава во текстилната работилница, бидејќи училницата се реновира за време на учебна година…наставата импровизирано се одвива во занималната на училиштето каде нема машини за шиење….. Па наведуваат во претставката:„ Кодексот на облекување… нашите деца се во пубертет, а верувајте дека ни Вие не би сакале да го видите тоа што ние го гледаме секој ден. Сепак е ова образовна институција и сакаме да не почитуваат како родители и ученици“. Кога ги носиме нашите деца до стручна служба ходникот горе мириса на цигари. Директорот и помошник директорот пушат цигари во канцеларијата на помошникот, иако е тоа строго забрането. На Совет на родители ни беше кажано дека новиот примен дефектолог ќе работи со децата….ние не знаеме што работи цел ден е во браварската работилница кај синот на директорот …..
Подносителите на претставката-родители на децата истакнуваат дека:„ Од почетокот на учебната година во училиштето нема училница за музичка и ликовна уметност (поради отстапените простории на друго училиште). Наставата по музичка и ликовна уметност се одвива во графичка работилница каде што друг наставник има практична настава со друг клас. Колку е квалитетна наставата пишуваат родители на учениците за нашите деца кога има споени класови по различни предмети?
Јавен повик до министерката Јаневска и до В.Д. директорката на ДПИ Мелинда Рашиди
Од горенаведените претставки кои се примени во архивата на ДПИ и Министерството за образование и наука како правен субјект на Државниот просветен инспекторат го поставувам прашањето: Зошто не е постапено по доставените претставки, согласно Законот за инспекциски надзор, како и по Законот за просветна инспекција да се изврши вонреден инспекциски надзор во благовремен рок по добивањето на претставките (тој рок е помалце или повеќе само осум дена од приемот на претставката). Ова е доказ за практичната инстуционална нефункционалност на МОН и ДПИ. Зошто? Што се крие зад ваквите образовни криминали и Кој стои во МОН зад овие образовни криминали? Јавно ја повикувам новата ВД директорка на ДПИ, Мелинда Рашиди (примена пред месец дена) да ги преиспита сите овие горенаведени претставки и зошто не е постапено за да се отстранат овие небулозни образовни криминали што се случуваат во Државното средно училиште со ресурсен центар „Св. Наум Охридски“ Скопје!
Остануваат неколку прашања до директорот Јордан Стојановски, МОН…?
- Дали директоре Јордан Стојановски сте „заборавиле“ да спроведете завршен испит за учениците од завршната година во Државното средно училиште со ресурсен центар „Св. Наум Охридски“ Скопје, согласно Правилникот за начинот на пријавувањето, полагањето, прилагодувањето за учениците со попреченост/и, организирањето на полагањето и оценувањето на испитите од завршниот испит во средното стручно образование донесен и потпишан од министерката за образование на 17.12.2025г., објавен во Службен весник на РСМ бр.258 од 22.12.2025година, а со тоа 54 ученици со попреченост останале без диплома за завршено средно образование во јуни 2026г. Со ова учениците се дискриминирани, прекршени се меѓународните Конвенции за правата на детето (КПД) и Конвенцијата за правата на лица со попреченост (КПЛП) кои не можат да се пријават во Агенцијата за вработување со диплома за завршено средно образование со што не можат да бидат конкурентни на пазарот на труд.
- Дали министерке Јаневска сте запознати зошто директорот не спровел завршен испит согласно Правилникот и учениците кои не се здобиле со диплома во јуни како и сите други ученици од други средни училишта?
- Министерке Јаневска, ваквите постапки на одговорните на ДСУРЦ „Св.Наум Охридски“ Скопје е спротивно на Меѓународната Конвенција за правата на детето и Конвенцијата за правата на лица со попреченост! Дали ќе има одговорност?
- Зошто се деградираат наставници со долгогодишно искуство со работа со ученици со попреченост поради пропустот на директорот?
- Дали директорот Јордан Стојановски го вработил својот син во истото училиште додека е директор како наставник по практична настава во машинска струка и својот внук од сестра како наставник во графичка струка во училиштето. (Непотизам)!
Има и други прашања, но тие ќе бидат наменети за други надлежни институции со приложена документација. Воедно ќе бидат запознати со целокупната документација и нереализираните претставки и премиерот на Владата на Република Македонија.
Очекувам министерке Јаневска и Вие В.Д директорке на Државниот просветен инспекторат Мелинда Рашиди да постапите по доставените претставки од вработените и родителите на децата и да се изврши вонреден инспекциски надзор од страна на ДПИ во Државното средно училиште со ресурсен центар „Св. Наум Охридски“ Скопје, за надминување на незаконитостите во овој ресурсен центар.
На потег сте!

