ЗЛОУПОТРЕБИ ВО ЦАРИНА Откриена мрежа за влијание и местење на тендери
Обвинителството отвори истрага против поранешни високи функционери и службени лица во Царинската управа.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), постапувајќи по кривична пријава од Управата за финансиска полиција, отвори истражна постапка против четири лица меѓу кои директор и помошник директор на Царинската управа, управител на правно лице и едно вработено лице во таа фирма.
На осомничените им се ставаат на товар повеќе кривични дела, меѓу кои злоупотреба на постапка за јавен повик и јавна набавка, примање и давање награда за противзаконито влијание, како и поврзани коруптивни дејствија. Делата, според обвинителството, се извршувани во периодот од јули 2023 до март 2024 година.
Според Финансиската полиција, пријавата се однесува на постапка за јавна набавка за надворешно одржување хигиена на гранични премини и терминали. Осомничените, преку влијание врз тендерската документација и ограничување на конкуренцијата, овозможиле одреден економски оператор да добие договор и да стекне противправна имотна корист од околу 18,48 милиони денари.
Во пријавата се наведува дека едно од лицата, тогаш директор на Царинската управа, влијаело врз условите на тендерот, додека помошник-директорот наводно вршел притисок врз други фирми да не учествуваат во постапката. Други осомничени лица, пак, посредувале и влијаеле за обезбедување корист и незаконски дејствија.
Според истрагата, постојат индиции и за примање и давање награди за противзаконито влијание, при што е наведено дека едно од лицата примило корист во износ од околу 111.600 денари.
Обвинителството најави дека ќе поднесе предлог за определување притвор за сите осомничени, со цел непречено водење на постапката.
Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја акцијата, изјави дека станува збор за лица од поранешната власт и најави дека во следниот период ќе има слични постапки и во други институции, повикувајќи се на ревизорски извештаи и индиции за злоупотреби.
Тој нагласи дека истрагата е во тек, дека го почитува принципот на презумпција на невиност и дека не сака да го загрози постапувањето на институциите.
Во рамки на акцијата, Финансиската полиција извршила претреси на повеќе локации и привела повеќе лица, постапувајќи по наредба на судија на претходна постапка и во координација со надлежното обвинителство.
