ЖЕШКА СЕДНИЦА ВО СОБРАНИЕТО На маса буџетот, студентите, медиумите и нови именувања
На дневен ред се Завршната сметка на Буџетот за 2025 година, стратегијата за борба против корупцијата и избор на членови во неколку тела.

Собранието денеска ќе ја продолжи 111. пленарна седница, на чиј дневен ред се повеќе законски измени, извештаи од институции и предлози за именувања.
Пратениците ќе расправаат по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој е во трето читање, како и по Предлог-законот за соодветна и правична застапеност во второ читање. Пред нив ќе се најде и Завршната сметка на Буџетот на Република Северна Македонија за 2025 година.
На седницата се предвидена и расправа за измените на Законот за студентскиот стандард по скратена постапка, како и за повеќе законски решенија поврзани со високото образование и науката. Меѓу нив се предлог-законите за високо образование, обезбедување квалитет во високото образование и науката, како и за научноистражувачката дејност, сите во прво читање.
Пратениците ќе ја разгледаат и Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси за периодот 2026–2030 година. На дневен ред се и предлозите за избор на членови на Советот за граѓански надзор, како и за именување член на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и управување со комунален отпад.
Во продолжение на седницата ќе бидат разгледани и годишните извештаи на повеќе институции, меѓу кои Агенцијата за супервизија на осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување и Државниот завод за ревизија. Ќе се разгледува и извештајот за состојбата на осигурителниот пазар во 2025 година.
По скратена постапка, пратениците ќе расправаат и за измените на законите за супервизија на осигурување, автокампови и енергетика.


