ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ НА ПРОТЕСТ Веќе немаме што да разговараме со министерот, барањата директно до Мицкоски

Протест во Пелагонија и блокада на патот Битола–Прилеп кај Тополчани: земјоделците бараат поголема државна поддршка, исплата на заостанатите субвенции и учество во креирањето на аграрната програма.

ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ НА ПРОТЕСТ Веќе немаме што да разговараме со министерот, барањата директно до Мицкоски
Фото: Принтскрин

Земјоделци од Пелагонија вчера излегоа на протест, при што незадоволството од состојбите во земјоделството го адресираа директно до премиерот Христијан Мицкоски.

Тие порачаа дека повеќе не сакаат своите барања да ги упатуваат до министерот за земјоделство, бидејќи, како што истакнаа, „со министерот повеќе нема што да разговараме“.

Протестот се одржа кај Тополчани, каде земјоделците го блокираа патот Битола-Прилеп. На протестот присуствуваа и претставници на одредени политички партии.

Меѓу главните барања е земјоделците да учествуваат во креирањето на идната програма за субвенционирање на аграрот. Тие најавија дека ќе побараат буџет од 200 милиони евра за земјоделството.

Сточарите бараат повисоки субвенции и исплата на премијата за млеко

Борче Бучински од здружението „Пелагониско поле“ рече дека протестот е резултат на наталожени проблеми во земјоделското и сточарското производство.

Тој побара субвенцијата за едно грло говедо да се зголеми на 250 евра годишно, како и итна исплата на заостанатата премија за млеко.

Земјоделците бараат и стабилизирање на откупната цена на суровото млеко, како и дополнителна поддршка за пченицата од 5 денари по килограм, поради ниските откупни цени.

„Да се каже колку ќе биде цената на пченицата за да знаат земјоделците дали да сеат или не“, порача Бучински.

„Ни должат по шест денари за литар млеко“

Претседателот на здружението „Пелагониско поле“, Тони Петковски, оцени дека проблемите на сточарите се секојдневни и наталожени.

Тој посочи дека на сточарите им се должат средства за предаденото млеко и дека постои неизвесност околу откупот.

Петковски побара дополнителни 4 денари по литар млеко, со што вкупната премија би достигнала 10 денари.

Проблем и со откупот на „куртовска капија“

Поледелците годинава се соочуваат и со проблеми при откупот на пиперката „куртовска капија“.

Земјоделците тврдат дека претходно договорените цени не се почитуваат и дека голем дел од родот, според нив, се класифицира како втора класа.

Бучински посочи дека пиперката од прва класа се откупува по значително пониска цена од очекуваната, што дополнително ги оштетува производителите.

Бараат исплата на субвенциите и промени во условите

Миле Кебакоски, претседател на здружението „Југозапад фармери“, реагираше и на условите за остварување право на субвенции за житото.

Тој посочи дека дел од земјоделците се соочуваат со проблеми поради услов воведен по сеидбата.

Земјоделците бараат субвенциите за житото да бидат доисплатени по сите основи, а доколку откупната цена на пченицата е 10 денари за килограм, државната поддршка да изнесува 5 денари.

Јаболката под производната цена, бараат и „зелена нафта“

Во тешка ситуација, според учесниците на протестот, се наоѓаат и овоштарите.

Бербата на јаболката е во тек, но земјоделците велат дека откупните цени се под производните трошоци. Истовремено, не се исплатени субвенции за повеќе земјоделски гранки, меѓу кои житариците, јаболката и пчеларството.

Како дополнително барање, земјоделците ги побараа и картичките за „зелена нафта“.

„Барањата веќе не одат кај министерот“

Бучински порача дека поради наталожените проблеми, земјоделците одлучиле барањата директно да ги адресираат до премиерот.

„Поради сето ова, барањата од овој протест ги адресираме до премиерот Христијан Мицкоски. Нашите барања веќе нема да одат на адреса на министерот, бидејќи со министерот повеќе нема што да разговараме“, порача тој.

CATEGORIES
Share This