МАКЕДОНСКИОТ ЏЕЗ ПРЕД ЕВРОПСКАТА СЦЕНА Поповски во Краков

Директорот на Jazz Factory Festival вторпат во меѓународниот совет на Jazz Juniors – нови европски можности за македонските музичари

МАКЕДОНСКИОТ ЏЕЗ ПРЕД ЕВРОПСКАТА СЦЕНА Поповски во Краков
Фото: Принтскрин

Директорот на „Jazz Factory Festival“ од Битола, Сашо Поповски, ќе биде член на меѓународниот фестивалски совет на јубилејното 50. издание на „Jazz Juniors“, кое од 1 до 5 октомври се одржува во Краков, Полска.

За Поповски ова е второ учество во советодавниот орган на еден од значајните европски фестивали, каде што воедно ќе ја претстави македонската џез сцена преку презентација на Националната џез платформа на Македонија.

Учеството во меѓународниот совет има конкретна цел – создавање нови контакти и можности за поврзување на македонските музичари со европски продуценти, фестивали и други актери од меѓународната џез сцена.

Фокусот, како што посочува Поповски, е да се надмине институционалното присуство и да се отворат конкретни можности за настапи, соработки, размена и нови партнерства за македонските џез уметници.

„За мене, ова учество не е само лична чест, туку пред сè можност за претставување на македонската џез сцена, Битола и нејзиниот културен потенцијал пред меѓународната џез заедница. Како директор на Jazz Factory Festival – Bitola, продолжувам да работам на создавање мостови меѓу македонските музичари и меѓународната џез сцена – преку соработка, размена, вмрежување, нови партнерства и отворање можности за развој и промоција на македонските уметници“, истакнува Поповски.

Неговото учество во Краков претставува можност за дополнителна промоција на македонската џез сцена и за нејзино поврзување со европските фестивалски и музички мрежи.

CATEGORIES
Share This