ЗЕЛЕНСКИ АЛАРМИРА Русија погоди складиште во нуклеарна зона

Украинските власти алармираат по удар врз складиште во близина на Чернобил.

ЗЕЛЕНСКИ АЛАРМИРА Русија погоди складиште во нуклеарна зона
Фото: Принтскрин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека украинските власти ги информираат меѓународните партнери за рускиот напад врз Централизираното складиште за потрошено нуклеарно гориво во близина на нуклеарната централа во Чернобил.

Тој на Фејсбук изјави дека руски дрон „Шахид“ погодил една од зградите на складиштето, оценувајќи го инцидентот како удар врз критична инфраструктура.

Според него, Министерството за надворешни работи на Украина, Министерството за енергетика и другите надлежни институции веќе ги информираат меѓународните партнери за настанот, пренесува Укринформ.

Зеленски наведе дека по нападот не е регистрирано зголемување на нивото на зрачење, а противпожарните екипи брзо го локализирале и изгаснале пожарот.

Од компанијата „Енергоатом“ претходно соопштија дека е оштетена зградата за прием на контејнери во рамки на складиштето, при што во моментот на нападот во објектот немало складирано нуклеарно гориво.

Украинскиот претседател повика на дополнителни мерки од меѓународната заедница против Русија, истакнувајќи дека во текот на ноќта биле погодени цивилни цели во 13 украински региони.

Тој додаде дека Русија во последната недела лансирала десетици ракети, илјадници дронови и голем број наведувани бомби врз украинска територија.

Украинските служби продолжуваат со проценка на штетите и следење на состојбата, додека Центарот за борба против дезинформации при Советот за национална безбедност и одбрана објави фотографии од настанатата штета.

CATEGORIES
Share This