БАНКИТЕ ГИ КРЕВААТ ПРОВИЗИИТЕ Пензионерите и семејствата најпогодени од „скриените“ трошоци
Станбен кредит станува луксуз и новите провизии ќе ве чинат и над 60.000 денари однапред

Од први август граѓаните ќе плаќаат повисоки провизии за дел од банкарските услуги. Ако досега одредена трансакција чинела 90 денари, таа сега ќе изнесува 120 денари, што претставува зголемување од над 30 отсто.
Зголемувањето на надоместоците веќе го најавија две од најголемите банки во земјава, при што најголем удар ќе почувствуваат граѓаните кои не користат дигитално банкарство. Особено погодени ќе бидат пензионерите и повозрасната популација, кои почесто ги извршуваат уплатите на шалтер.
Според новите тарифници, поскапувања има и кај пакетите за пензионери, каде месечните надоместоци се зголемуваат од 20 на 25 денари за основните, односно од 30 на 35 денари за повисоките пакети. Дополнително, се зголемува и надоместокот за девизни сметки, кој од сега ќе изнесува 35 денари месечно по валута, наместо досегашните 30 денари.
Поскапувањата се однесуваат и на станбените кредити. За клиентите кои од август ќе земаат кредит за стан, еднократната провизија ќе изнесува од 1 до 1,5 отсто од износот на кредитот, што во некои случаи може да надмине и 60.000 денари пред да се добијат клучевите од новиот дом.
Според проценките, просечно четиричлено семејство со две плати, кое користи сметки, картички, мобилно банкарство и повремени уплати на шалтер, ќе има зголемени месечни трошоци од 600 до 1.000 денари. На годишно ниво, тоа претставува дополнителен трошок од 6.000 до 12.000 денари.
Економските аналитичари предупредуваат дека новите тарифници ќе претставуваат дополнителен товар за домаќинствата во услови на зголемени трошоци за живот, додека останува отворено прашањето дали и останатите банки ќе го следат истиот тренд.


