ЗАШТЕДИТЕ ТИВКО СЕ ТОПАТ За секои 10.000 евра во банка, Европејците губат 294 евра куповна моќ

Каматите не успеваат да ја следат инфлацијата, а милијарди евра остануваат на сметки со низок принос – еве колку пари Европејците држат во банка.

ЗАШТЕДИТЕ ТИВКО СЕ ТОПАТ За секои 10.000 евра во банка, Европејците губат 294 евра куповна моќ
Фото: Принтскрин

Во услови на инфлација и економска неизвесност, штедењето останува еден од главните начини на кои домаќинствата се обидуваат да се заштитат од непредвидени трошоци и евентуален пад на приходите. Но, експертите предупредуваат дека не е доволно само парите да стојат на банкарска сметка и важно е и колкава е каматата во однос на инфлацијата.

Според студија на „Револут“, Европејците во просек губат 294 евра куповна моќ на секои 10.000 евра што ги чуваат во банка. Истражувањето, кое опфатило повеќе од 20.000 возрасни лица во 20 земји од ЕУ, покажува дека во овие земји се наоѓаат околу 6,3 трилиони евра во депозити со низок принос.

Каматата не ја следи инфлацијата

Во 12 од 20-те анализирани пазари, просечните едногодишни каматни стапки на депозитите се пониски од инфлацијата.

Просечниот принос на депозитите изнесува 2,76 проценти, додека инфлацијата е 2,94 проценти. Разликата можеби изгледа мала, но на подолг рок значи постепено намалување на реалната вредност на заштедите.

Тоа значи дека иако износот на банкарската сметка номинално останува ист, со тие пари во иднина може да се купи помалку.

Германците штедат, но и таму парите губат вредност

Пример за високата стапка на штедење е Германија. Во 2024 година, Германците издвојувале 11,5 проценти од расположливите приходи за штедење.

Но, големата сума на банкарска сметка сама по себе не гарантира дека парите ја задржуваат својата вредност. Ако каматата е пониска од инфлацијата, куповната моќ постепено се намалува.

Според истражувањето, во Германија се наоѓаат дури 1,9 трилиони евра во неискористени пари, додека во Франција оваа сума достигнува околу 588 милијарди евра.

Колкава резерва е доволна?

Едно од најчестите правила во личните финансии е создавање фонд за непредвидени ситуации.

Германската „Шпаркасе“ советува граѓаните да имаат лесно достапна резерва во висина од две до три месечни нето-плати.

На пример, лице со месечна нето-плата од 3.000 евра би требало да има резерва од околу 6.000 до 9.000 евра.

Овие пари се наменети за дефект на автомобил, итни поправки, здравствени или други непланирани трошоци, како и за период во кој приходите би можеле привремено да бидат намалени.

Зошто големите заштеди се делат во повеќе банки?

Кај поголемите суми постои уште еден фактор – лимитот на заштита на депозитите.

Затоа, граѓаните со значителни заштеди можат да ги распределат средствата во повеќе банки, наместо целата сума да ја чуваат на едно место. Така се овозможува секој поединечен депозит да остане во рамките на законскиот лимит за гарантирана заштита.

Европјаните често не ги менуваат банките

Студијата покажува и дека голем дел од штедачите не ги следат внимателно условите на пазарот.

Две третини од испитаниците никогаш не ја смениле банката поради подобра каматна стапка. Од нив, 26 проценти велат дека ја претпочитаат постојната банка, 18 проценти сметаат дека разликата е премала, а 15 проценти не знаат каде да бараат подобри услови.

Речиси половина од испитаниците, односно 46 проценти, погрешно го проценуваат приносот од своите заштеди кога ќе се земе предвид инфлацијата. Дополнително, 19 проценти не се свесни дека инфлацијата влијае врз вредноста на нивните пари.

Бугарија со најголем јаз меѓу каматите и инфлацијата

Најголемите разлики меѓу инфлацијата и каматните стапки на депозитите во истражувањето се забележани во Централна и Источна Европа.

Најголем јаз има во Бугарија – 2,3 процентни поени, потоа во Словачка – 1,7 и Литванија – 1,3 процентни поени.

Во исто време, интересот за започнување со инвестирање на мали износи е релативно висок во Бугарија и Романија, каде што по 51 процент од испитаниците изјавиле дека би биле подготвени да почнат да инвестираат.

Сепак, секој петти Европеец воопшто нема заштеди.

Главната порака од анализата е дека штедењето обезбедува финансиска сигурност, но парите што долго стојат на сметка со низок принос може постепено да ја губат куповната моќ. Затоа, покрај создавањето резервен фонд, важни се и условите под кои се чуваат заштедите, инфлацијата и распределбата на поголемите износи.

CATEGORIES
Share This