ДО 300.000 ДЕНАРИ ЗА МАКЕДОНСКИТЕ КНИГИ ВО СВЕТОТ Отворен конкурс за превод на дела на странски јазици
Министерството за култура и туризам ќе финансира преводи на македонски автори, но само странски издавачи ќе можат да аплицираат.

Министерството за култура и туризам објави Конкурс за финансирање на превод и објавување на дела од македонски автори на странски јазици за 2026/2027 година.
Целта е поголема меѓународна афирмација на македонската книжевност, зголемување на достапноста на домашните автори пред странската читателска публика и унапредување на соработката со меѓународни издавачи.
Право на учество имаат исклучиво странски издавачи чија основна дејност е издавање книги. Поддршката опфаќа превод и објавување на уметничка проза, поезија, драма, есеи, литература за деца, како и антологии и други книжевни избори.
Министерството ќе ги финансира трошоците за превод на избраните дела, со максимална поддршка до 300.000 денари по проект. Трошоците за печатење, промоција и дистрибуција не се опфатени со финансиската поддршка.
Конкурсот е отворен во текот на целата година, а стручната комисија ќе ги разгледува пристигнатите пријави во два рока – во октомври 2026 година и во март 2027 година. Пријавите и потребната документација треба да се достават во PDF-формат на електронската адреса translation@kultura.gov.mk.
Конкурсот за превод на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици е воспоставен во 2013 година и претставува една од мерките за меѓународна промоција на македонската литература и домашните автори. Од Министерството посочуваат дека новиот модел треба да обезбеди поголема транспарентност, рамноправност и одговорно управување со буџетските средства, преку јасно утврдени услови, мерила и критериуми.
Конкурсот и целосната документација се достапни на веб-страницата на Министерството за култура и туризам.

