ЗА КЛУЧНИТЕ ЛИДЕРИ НА ИРАН – САД нудат 10 милиони долари за информации
Вашингтон го засилува притисокот врз Техеран со нови санкции против речиси 60 лица, компании и бродови поврзани со воените набавки, сајбер-операциите и извозот на нафта.

Соединетите Американски Држави понудија награда до 10 милиони долари за информации за клучни лидери на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ), како дел од засилениот притисок врз Иран и неговите воени и финансиски мрежи.
Истовремено, Стејт департментот и Министерството за финансии на САД воведоа санкции против речиси 60 лица, компании и бродови, за кои Вашингтон тврди дека се поврзани со ирански воени набавки, сајбер-операции и мрежи за извоз на нафта и петрохемиски производи.
На санкциската листа се најдоа и високи ирански воени функционери, меѓу кои Ахмад Вахиди, Али Абдулахи, Сајад Хосеин Маџид Мусави Ефтехари, Сејед Махди Фарахи и Амир Хатами. Санкции се воведени и против портпаролот на иранското Министерство за одбрана, Реза Талаеи-Ник.
Вашингтон со овие мерки продолжува да ги таргетира структурите за кои смета дека му овозможуваат на Техеран да ги финансира воените активности и да ја одржува мрежата за набавки и извоз на енергенси.

