14.500 ПРВАЧИЊА, 300 ПАРАЛЕЛКИ ПОМАЛКУ И 26 УЧИЛИШТА ПРЕД ЗАТВОРАЊЕ Јаневска откри што се случува со македонското образование
Бројките отвораат сериозни прашања за демографскиот пад, а Министерството најавува големи промени во училишната мрежа и воведување подолг престој на учениците.

Учениците ќе ја започнат новата учебна година со обезбедени учебници, а тие веќе се дистрибуирани и се наоѓаат во училиштата, информираше министерката за образование и наука Весна Јаневска. На прес-конференција таа соопшти и дека во учебната 2026/2027 година има околу 200 паралелки помалку во основното и 100 паралелки помалку во средното образование.
Јаневска информираше дека досега се запишани околу 14.500 првачиња, но бројката не е конечна бидејќи до крајот на септември ќе трае уписот на децата кои го пропуштиле рокот. Сепак, споредбата со податоците за бројот на родени деца отвора прашања за демографскиот пад. Во 2020 година во Македонија биле родени 19.031 дете.
Во рамки на оптимизацијата на училишната мрежа, која се спроведува и поради воведувањето едносменска настава, министерката очекува годинава природно да бидат затворени 26 рурални училишта во кои нема запишано првачиња, а во кои, според неа, наставата се одвива со само пет до осум ученици.
„Она што успеавме да го направиме, во моментот имаме околу 200 паралелки помалку во основното образование и 100 паралелки помалку во средното образование“, рече Јаневска.
Таа нагласи дека намалувањето на бројот на паралелки, според Министерството, има цел да обезбеди поголема социјализација на учениците и подобар квалитет на образованието, наместо тие да остануваат во училишта со многу мал број ученици и комбинирани паралелки.
Според Јаневска, комбинираната настава ќе се применува само таму каде што е неопходна, односно во подрачни училишта кои се наоѓаат на поголема оддалеченост од најблиското централно училиште.
„Ако имаме централно училиште во кое има 200 деца, а на 2,5 километри имаме училиште во кое има 18 деца, нема логика да ги чуваме овие 18 деца заробени во тоа училиште. Треба да ги придвижиме кон ова другото“, посочи министерката.
Во однос на учебниците, Јаневска очекува бројот на проблеми со оштетени примероци да биде значително намален. Таа вели дека училиштата по организираните онлајн подготовки посериозно пристапуваат кон пријавувањето на потребите за нови учебници и замена на оштетените.
„Не можам да кажам дека ќе нема. За жал, верувам дека и ќе има. Но искрено верувам дека тоа ќе биде сведено на минимум и дека ќе биде инцидентно“, рече Јаневска.
Таа додаде дека сите училишта кои навреме побарале замена на оштетени учебници ги добиваат потребните примероци, но отсега Министерството нема да презема одговорност за пропусти на училиштата кои не ги пријавиле потребите.
Министерката информираше и дека досега не е отпуштен ниту еден наставник вработен на неопределено време. Во одредени скопски општини, меѓу кои и Аеродром, има недостиг од наставен кадар, па се очекуваат и нови вработувања.
Надвор од Скопје, според Јаневска, бројот на наставници е доволен. Како една од мерките за подобро искористување на кадарот таа го посочи продолжениот престој и целодневната настава, со која учениците би останувале во училиштата до 16 часот.
Според неа, ваквиот модел ќе им овозможи на родителите поголема слобода, а учениците ќе добиваат повеќе време за учење и активности во училиштето.
Јаневска оцени дека Македонија мора да ги следи европските и светските образовни трендови, бидејќи во спротивно младите кои подоцна ќе влезат на пазарот на труд ќе имаат послаба конкурентност надвор од земјата.

