ЗА АХМЕТИ ДОПРВА ДОАЃААТ ТЕШКИ ВРЕМИЊА Од тоа што ќе прозбори Артан Груби ќе зависи кој ќе оди курбан
Од ВЛЕН велат дека ситуацијата во ДУИ е далеку од контролирана и дека улогата на Груби може да биде клучна за идните политички разврски.

Обвинението против Артан Груби дополнително ги разгоре внатрепартиските страсти во ДУИ, оценуваат од коалицијата ВЛЕН. Оттаму велат дека случувањата создаваат нервоза во партијата и дека Груби би можел да има значајна улога во идните политички разврски.
Од ВЛЕН се осврнаа и на најавите за можно повлекување на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од активната политика. Според нив, не е уверливо објаснувањето дека Ахмети сакал да се повлече, но дека неговите сопартијци не му дозволувале.
„Обвинението за Артан Груби ги зовре страстите во ДУИ. Стравот од неговата меморија си го прави своето. Ахмети најавува повлекување од активната политика. Демек, тој сакал да се повлече, ама сопартијците не му давале. Приказни за мали деца“, наведуваат од ВЛЕН.
Од коалицијата повторуваат дека подолго време го опишуваат Груби како „црната кутија“ на ДУИ, оценувајќи дека неговото присуство или евентуалното отсуство може да влијае врз повеќе идни случувања во партијата. Во реакцијата е споменат и Бујар Османи. Од ВЛЕН велат дека неговите последни јавни настапи и темите што ги отвора директно или индиректно го засегаат Груби.
„Не случајно Бујар Османи, кој чека во низок старт, пласира прашања и теми со кои директно или индиректно го адресира Груби“, велат од ВЛЕН.
Оттаму сметаат дека значајна улога во идните случувања би можел да има и Ислам Абази. Според нив, во ДУИ се обидуваат да создадат впечаток дека ситуацијата ја држат под контрола, иако, како што тврдат од ВЛЕН, внатрешните случувања покажуваат спротивно.
„Улогата на Ислам Абази е многу важна за идните разврски во ДУИ, каде што очајно се обидуваат да создадат впечаток во јавноста дека ја контролираат ситуацијата, иако таа одамна им е надвор од контрола“, се наведува во реакцијата.
ВЛЕН тврди и дека евентуалните информации што би ги споделил Груби би можеле да имаат последици и за други актуелни или поранешни функционери на ДУИ.
„Од тоа што прозборел Артан ќе зависи кој ќе оди курбан. За Ахмети допрва доаѓаат тешки времиња. Угоре високо, удолу длабоко!“, порачаа од ВЛЕН.
Станува збор за политички ставови и обвинувања изнесени од ВЛЕН, а не за правосилно утврдена одговорност на лицата што се споменуваат во реакцијата.

