ЈА САКАМ МАКЕДОНИЈА КОЛКУ ШТО ЈА САКА И БУЧКОВСКИ Ахмети со порака до Македонците
Лидерот на ДУИ порача дека заеднички интерес треба да бидат мирот, стабилноста, безбедноста и интеграцијата на земјата во Европската Унија.

Не треба да прибегнуваме кон фолклор и емоции, туку сите треба да размислуваме и да работиме на тоа како да живееме во мир, стабилност и безбедност. Заедничкиот интерес треба да биде напредокот и интеграцијата на земјата во Европската Унија“, порача лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на панел-дебатата по повод 25 години од потпишувањето на Рамковниот договор.
Ахмети истакна дека Македонија ја смета за своја земја, нагласувајќи дека неговите предци со генерации се поврзани со неа.
„Ја сакам Македонија, господине Бучковски, колку што ја сакате и вие. Ова е мојата земја, тука се мојот дедо, прадедо, баба и прабаба“ рече Ахмети.
Тој предупреди дека не треба да се доведуваат во прашање придобивките од Охридскиот рамковен договор, особено во делот на употребата на албанскиот јазик и правичната и соодветна застапеност.
„Подалеку од Охридскиот договор и од секој обид да се уништи албанскиот јазик или правичната и соодветна застапеност. Достигнувањата од Охридскиот договор се гарантирани од САД, ЕУ и НАТО. За тоа работевме заедно 20 години“, додаде лидерот на ДУИ.
Ахмети нагласи дека Рамковниот договор не треба да се гледа како победа само на една етничка заедница, туку како придобивка за целата држава.
„Не велам дека тоа е само резултат на Албанците, ниту дека само Албанците победиле со Рамковниот договор. Победи и македонската нација“, порача Ахмети.
На панел-дискусијата учествуваше и поранешниот премиер Владо Бучковски.

