ВТОРИОТ ПЕНЗИСКИ СТОЛБ НЕ СЕ УКИНУВА Мицкоски ги отфрли шпекулациите, Владата сепак прави анализа
Премиерот вели дека нема донесена одлука за укинување на вториот столб, додека надлежните институции го преиспитуваат пензискиот модел поради демографските промени, иселувањето и растечкиот притисок врз ПИОМ.

Премиерот Христијан Мицкоски ги демантираше информациите дека Владата размислува за укинување на вториот пензиски столб, посочувајќи дека таква одлука досега воопшто не била разгледувана.
„Нема никаква најава од Владата за укинување на вториот пензиски столб“, изјави Мицкоски.
Тој ги отфрла шпекулациите што се појавија во јавноста по најавата дека ќе се прави анализа на пензискиот систем.
Надлежните институции во моментов работат на проценка на актуелниот пензиски модел, со цел да се утврди дали и какви промени се потребни за неговата долгорочна финансиска стабилност. Засега нема донесена конкретна одлука за идниот правец на реформите. Анализата доаѓа во услови на значително променети демографски и економски околности во споредба со периодот кога беше воведен вториот столб. Дополнителен проблем отвори и извештајот на Државниот завод за ревизија, во кој се укажува дека ПИОМ не ги префрлал редовно средствата кон приватните пензиски фондови во роковите предвидени со закон.
Стареењето на населението и иселувањето на младите дополнително го оптоваруваат пензискиот систем. Наместо посакуваниот сооднос од тројца вработени на еден пензионер, во моментов во земјава има околу 1,6 вработени на еден пензионер, што создава дополнителен притисок врз државниот буџет. Од Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови предупредуваат дека евентуалната национализација на вториот столб би била само краткорочно решение. Според нив, таков потег би можел привремено да го намали дефицитот, но не би ги отстранил суштинските, структурни проблеми со кои се соочува пензискиот систем.
Од Асоцијацијата посочуваат и дека целосните ефекти од задолжителниот двостолбен модел се очекува да станат повидливи во следната деценија, кога поголем број осигуреници ќе почнат да остваруваат пензии од двата столба. Тоа, според нив, би требало постепено да го намали товарот врз државниот пензиски фонд. Економските аналитичари, пак, сметаат дека реформите се неопходни поради демографските и финансиските предизвици, но предупредуваат дека секоја промена мора да биде внимателно осмислена. Целта треба да биде обезбедување долгорочна одржливост на пензискиот систем, без да се загрозат интересите на сегашните и идните пензионери.
ЌЕ ГИ ЗЕМЕ ЛИ ДРЖАВАТА ПАРИТЕ ОД ВТОРИОТ ПЕНЗИСКИ СТОЛБ Експерт со јасна порака: Тоа не е решение

