ВРАБОТЕНИТЕ ОД ИНДУСТРИЈАТА ЗА КОЦКАЊЕ НА ПРОТЕСТ Бараме јавна расправа за законот за игри на среќа

Изминаа две недели откако асоцијациите на приредувачи на игри на среќа во автомат клубови, казина и спортски обложувалници – АПИС и АСОМ упатија официјално барање до Собранието за одржување јавна расправа за Предлог-законот за игри на среќа.
Барањето, повикувајќи се на член 129 став 2 од Деловникот, беше доставено до претседателот на Собранието, претседателката, членовите на Комисијата за финансирање и буџет, како и до координаторите на сите пратенички групи. Од асоцијациите нагласуваат дека ваквиот механизам би овозможил претставниците на индустријата и вработените во легалните објекти да ги презентираат своите стручни ставови и практично искуство пред пратениците.
Сепак, како што посочуваат, досега не добиле никаков одговор ниту позитивен, ниту негативен, додека во меѓувреме Предлог-законот веќе е ставен на дневен ред на пленарна седница во прво читање. Според нив, тоа остава впечаток дека брзината на носење на законот е ставена пред неговата суштинска анализа.
Тие предупредуваат дека станува збор за регулатива која се однесува на сектор со над 10.000 вработени и кој значајно придонесува во државниот буџет, со проценети годишни приходи од над 350 милиони евра. Според нив, закон со вакво влијание, особено ако содржи спорни одредби, не треба да се усвојува набрзина, бидејќи може да предизвика сериозни последици во практиката.
Од асоцијациите исто така реагираат дека индустријата подолг период е изложена на негативни кампањи и тврдат дека легалните приредувачи не претставуваат закана за младите. Напротив, како што велат, вистинскиот ризик е во ширењето на нелегални објекти кои би функционирале без контрола и надзор.
Тие додаваат дека голем дел од нивните членки се компании со европски капитал и дека активно учествуваат во општествено одговорни активности, вклучително донации во здравството, спортот и културата, како и поддршка на хуманитарни проекти.
Доколку нивните ставови не бидат земени предвид во процесот на изработка на законското решение, асоцијациите најавуваат дека ќе ги искористат сите демократски и правни механизми за, како што велат, да ја заштитат индустријата и да обезбедат праведно законско решение усогласено со европските стандарди.


