ГРК САМ ГО НАУЧИ МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК И ја напиша на македонски книгата „Раскинување на договорот“
Двојазична стихозбирка што го спојува грчкиот и македонскиот јазик во неочекуван културен чин.

Во издание на „Матица македонска“ наскоро од печат излегува „Раскинување на договорот“ / „Λύση Συμβολαίου“, дебитантската стихозбирка на грчкиот поет и преведувач Сотирис Минас. Станува збор за двојазично издание на грчки и македонски јазик, кое ги надминува рамките на класичен книжевен настан и отвора прашања за јазикот, идентитетот и културната слобода во современиот македонско-грчки контекст.
Во време кога јазикот и идентитетот сè уште се предмет на политички тензии, премолчувања и различни интерпретации, оваа книга се појавува како поетско сведоштво што ја става личната одлука во центарот на своето значење. Особено значаен е фактот што авторот, без македонско потекло, самостојно го изучил македонскиот јазик, го прифатил како јазик на творештво и својата прва книга ја објавува токму на македонски и грчки при што македонската верзија е негов сопствен препев.
Во ова издание, македонскиот јазик не е само медиум на превод, туку свесен избор и етичка позиција. Минас не се обраќа кон македонскиот читател од дистанца, туку влегува во јазикот како простор на признавање, солидарност и лична слобода.
Во своите претходни јавни настапи, тој изјави:
„Ако кај Македонците е посеан страв да го зборуваат својот јазик, тогаш еден Грк ќе го научи и ќе го зборува тој ист јазик по свој избор – и тоа со гордост.“ Токму оваа позиција во „Раскинување на договорот“ добива своја поетска форма.
Во авторската белешка, Минас ја опишува својата одлука како „свесен чин на правда“, нагласувајќи дека живееме во реалност изградена врз негирање на различноста и потиснување на идентитети. Книгата, според него, претставува директен судир со децениски молк и искривени наративи.
Насловот „Раскинување на договорот“ функционира како централна метафора и раскин со наметнати очекувања, со тишина, со страв и со живот воден според туѓи мерки. Тоа е симболичен прекин со „договор“ што, како што вели авторот, никогаш не бил потпишан со негова согласност.
„Денес, тој договор го палам“, пишува Минас.
Книгата е објавена двојазично, на грчки и македонски, а самиот автор ја нагласува двојазичноста како суштински дел од нејзината поетика. Тој истакнува дека соживотот на двата јазика претставува форма на практично признавање и чин на заемна почит.
„Помирувањето започнува единствено преку прифаќање на постоењето на другиот“, наведува авторот.
„Раскинување на договорот“ е книга во која интимното и општественото се неразделни. Личната повреда се претвора во поетски глас, а индивидуалното искуство се отвора кон пошироки прашања за јазикот, името и достоинството.
Една од централните песни, „Ми го одзедоа јазикот – македонскиот“, инспирирана од Елитис, го отвора прашањето за јазикот како меморија и отпор. Во стиховите се појавуваат топоси како Кајмакчалан, Вардар, Преспа, Дојран, Воден, Лерин, Вичо и Негуш, простори на колективна меморија и историска чувствителност.
На корицата на книгата, Иван Антоновски оценува дека станува збор за поезија во која личната болка прераснува во чин на самоослободување, а двојазичноста е клучен дел од нејзината поетска структура.
„Овие песни треба да се читаат внимателно: и во она што го кажуваат, и во она што го премолчуваат“, се наведува во текстот на корицата.
Со „Раскинување на договорот“, Сотирис Минас создава поетски проект што ги надминува границите на класичната стихозбирка. Книгата отвора простор за дијалог меѓу јазиците и културите, но и за преиспитување на тишините што ги обликувале тие односи.
Тоа е дело во кое јазикот станува избор, а поезијата чин на слобода.



