ВОДАТА ЈА ТРЕСЕ МАКЕДОНИЈА Филипче прашува што се случува со бунарите кај Рашче, ВМРО-ДПМНЕ возвраќа со „400 анализи“
Филипче предупредува на можен ризик за бунарите што го дополнуваат изворот Рашче, додека ВМРО-ДПМНЕ тврди дека во негово време имало информации за околу 400 неисправни анализи на вода.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на брифинг со новинарите ја оцени како „чиста импровизација и задоцнета реакција“ реакцијата на Владата во справувањето со проблемот со загадената вода во Гостивар. Филипче отвори и дополнително прашање – дали институциите ги контролираат бунарите во близина на Вардар и Лепенец, имајќи предвид дека водата од тој слив се користи за надополнување на изворот Рашче, од кој со вода се снабдува Скопје.
Тој посочи дека одбивањето на надлежните институции јавно да ги објават документите врз основа на кои е проценето дека техничката вода во Гостивар може да се користи, но не и да се пие, отвора дополнителни дилеми за безбедноста на водата.
„Сите реакции се задоцнети. Дури денес Министерството за здравство донесе препораки за детекција на симптоми за хепатит во Гостивар, а јас пред две недели предупредив дека може да ни се случи таква епидемија“, изјави Филипче.
Тој побара одговор и на прашањето кој ја контролира техничката вода во Гостивар со која, според него, се мие храната во рестораните. Филипче ја поврза темата и со загадувањето на Лепенец, посочувајќи дека сè уште нема доволно објаснувања за потеклото и степенот на загадувањето.
„Во сливот на таа река се и неколку бунари со кои се надополнува со вода и изворот Рашче со кој се снабдува Скопје. Ќе провери ли некој дали се загадени?“, праша лидерот на СДСМ, оценувајќи дека мерките што сега се преземаат се задоцнети и претставуваат импровизација.
На забелешките дека и во периодот кога тој бил министер за здравство имало случаи на загадување на водата за пиење, Филипче ги повика институциите да ги истражат сите наводи.
„Ако имало загадена вода во Гостивар во мое време, зошто немаше епидемија?“, праша тој, оценувајќи дека обвинувањата против него се обид за пренасочување на вниманието од актуелниот проблем.
Од СДСМ објавија листа на градови и населени места во кои, според нивните наводи, е регистрирано загадување или неисправност на водата за пиење. Покрај Гостивар, на листата се Крушево, Валандово, Булачани, Пласница, Лешок, Преглово, Маврово, Рич, Белотино, Башино Село, Елшани, Велестово, Сушица, Зубово, Дражево, Борисово, Колешино и Ново Коњарево. Од партијата ја посочуваат и состојбата со реките Лепенец и Вардар, особено во регионот каде што се наоѓаат бунарите што го надополнуваат изворот Рашче.
„Цела Македонија останува без безбедна вода за пиење, а одговорен сè уште нема. Ниту еден“, порачаа од СДСМ, оценувајќи дека состојбата, според нив, веќе не е само епидемија, туку „системско труење на државата“.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија со обвинувања кон Филипче, тврдејќи дека во периодот кога тој бил министер за здравство, Министерството располагало со информации за приближно 400 анализи на неисправна вода за пиење, но дека јавноста не била навремено информирана. Според партијата, во анализите биле утврдени различни неправилности во квалитетот на водата, а институциите, како што тврдат од ВМРО-ДПМНЕ, не презеле соодветни мерки ниту ги предупредиле граѓаните за можните ризици.
Како примери од 2021 година се наведуваат неисправна вода во здравствен дом во Македонска Каменица, неисправна вода на чешма во близина на училиште во селото Гумалево, отсуство на резидуален хлор во локален водовод во Дебарца, како и случаи на микробиолошка контаминација и присуство на бактеријата Escherichia coli во Требеништа и во одморалиштето Пониква кај Кочани. ВМРО-ДПМНЕ прашува зошто, доколку овие информации му биле познати на Министерството за здравство, граѓаните не биле навремено известени и зошто не биле преземени мерки за отстранување на ризиците.
Од партијата соопштија дека веќе се поднесени пријави до Министерството за внатрешни работи и очекуваат Јавното обвинителство да спроведе темелна истрага. Според ВМРО-ДПМНЕ, истрагата треба да утврди дали постоело прикривање информации и дали со евентуално непостапување биле загрозени здравјето и животите на граѓаните. Од партијата порачаа дека мора да има одговорност и дека никој не смее да биде над законот, без оглед на функцијата што ја извршувал.

