САМО ДВА ДЕНА ПО ГЛАСАЊЕТО ЗА НЕДОВЕРБА Мацут ненајавено пристигна кај Мицкоски во Охрид

Српскиот премиер дојде без претходна најава, а за средбата јавноста информираше Мицкоски.

САМО ДВА ДЕНА ПО ГЛАСАЊЕТО ЗА НЕДОВЕРБА Мацут ненајавено пристигна кај Мицкоски во Охрид
Фото: Принтскрин

Два дена откако ја преживеа иницијативата за гласање недоверба во српското Собрание, српскиот премиер Ѓуро Мацут ненајавено пристигна во Охрид, каде што оствари средба со македонскиот премиер Христијан Мицкоски. За посетата немаше претходна официјална најава, а за средбата јавноста ја информираше Мицкоски преку својот профил на „Фејсбук“.

Мицкоски оцени дека разговорите биле отворени и конструктивни, при што биле разгледани актуелните регионални предизвици, можностите за продлабочување на билатералната соработка, економските односи, инфраструктурното поврзување и заедничките иницијативи.

„Во отворен и конструктивен разговор разменивме мислења за актуелните регионални предизвици, можностите за продлабочување на билатералната соработка, економските односи, инфраструктурното поврзување и заедничките иницијативи што ќе придонесат за поголем развој и просперитет на двете држави“, објави Мицкоски.

На средбата, според македонскиот премиер, била потврдена и определбата за понатамошно унапредување на односите меѓу Скопје и Белград, засновани на меѓусебна почит, добрососедска соработка и заеднички интерес за стабилен и просперитетен регион. По разговорите, Мацут соопшти дека на средбата биле отворени теми од стратешко значење за двете земји и за регионот. Посебно внимание било посветено на транспортното и енергетското поврзување, инфраструктурата, економската и земјоделската соработка, како и на создавањето услови за зголемување на трговската размена и поголем проток на луѓе, стоки и услуги.

Една од темите била и модернизацијата на железничкиот коридор што ги поврзува Србија, Северна Македонија и Грција. Мацут оцени дека реализацијата на овој проект би овозможила побрз и поефикасен транспорт, зголемување на конкурентноста на економиите и дополнително регионално економско поврзување. Во фокусот бил и гасниот интерконектор меѓу Србија и Северна Македонија. Според Мацут, биле разгледани активностите поврзани со неговата имплементација, но и можностите за проширување на соработката во областа на нафтената инфраструктура.

Српскиот премиер порача дека Белград ја гледа Северна Македонија како сигурен партнер и пријател, нагласувајќи дека идната соработка треба да се темели на редовен политички дијалог, меѓусебна доверба и реализација на конкретни проекти од интерес на граѓаните. Во српската делегација која пристигна во Охрид беа и министрите за рударство и енергетика, за градежништво, транспорт и инфраструктура и за земјоделство. Средбата Мицкоски-Мацут се одржа во формат тет-а-тет, а потоа разговорите продолжија со делегациите на двете земји.

CATEGORIES
TAGS
Share This