ВО ЖИВО ОД ОХРИД Државниот и воениот врв денеска го одбележуваат Денот на Армијата
Сиљановска-Давкова, Мицкоски, Мисајловски и Лафчиски на централната свеченост по повод 18 Август.

Во Кампот за обука на вода во Охрид денеска ќе се одржи централната свеченост по повод 18 Август -Денот на Армијата, на која ќе присуствува највисокиот државен и воен врв.
На свеченоста пригодни обраќања ќе имаат претседателката и врховен командант на Вооружените сили, Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски.
На одбележувањето се очекува присуство на премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши, министри и пратеници, генерали и високи офицери, поранешни министри за одбрана и началници на Генералштабот, пензионирани генерали, претставници на локалната самоуправа, организации со кои соработува Армијата и други гости.
Во рамки на одбележувањето, собраниска делегација денеска ќе положи цвеќе на Гробиштата Бутел во Скопје, пред Споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните, како и на вечните почивалишта на претседателот Борис Трајковски, генералот Михаило Апостолски и претседателот Киро Глигоров.
Официјалната програма за Денот на Армијата започна вчера во Скопје и Штип. Во касарната „Јане Сандански“ во Штип беше одбележано историското значење на 18 август 1943 година, кога на падините на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев“, кој се смета за првата организирана воена единица на македонската војска.
Свечен собир вчера се одржа и во Министерството за одбрана, каде што се обратија министерот Мисајловски и началникот на Генералштабот Лафчиски. Мисајловски им се заблагодари на припадниците на Армијата и вработените во одбраната за нивниот труд, посветеност и професионалност.
Во касарната „Илинден“ во Скопје, пак, беше извршена почесна артилериска стрелба со 10 плотуни од шест артилериски орудија.
За Ден на Армијата е избран 18 Август, датумот на кој во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев“, како прва организирана воена формација на НОВ на Македонија.
Формирањето на современата македонска Армија започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров со раководството на ЈНА го потпиша договорот за дислокација на федералната армија од територијата на Република Македонија.
Денес Армијата е дел од НАТО, најголемиот колективен систем за безбедност, откако Северна Македонија во март 2020 година стана 30-та полноправна членка на Алијансата.
ПРЕД ДЕНОТ НА АРМИЈАТА Мисајловски откри што следува за војниците

