ОЈО ДА ПОСТАПИ Дали бомбата кај вработениот во МВР врзан со кумот на Мицкоски води до провизии од 300.000 евра за тендери?
СДСМ прашува дали зад нападот стојат тендери, провизии и градежно земјиште во Скопје
Генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, на прес-конференција изнесе сериозни тврдења во врска со бомбата фрлена во домот на Милко Бошковски во Бардовци.
Димитријевиќ рече дека до СДСМ билo доставено видео од свиркачи, кое партијата го објавила, а според неговите информации, инцидентот се случил во неделата, на 16 август.
Тој посочи дека Бошковски е вработен во МВР, во отсекот за организиран криминал, и тврди дека е близок пријател и соработник на кумот на премиерот Христијан Мицкоски.
Од СДСМ прашуваат зошто јавноста не била информирана за случајот и која е неговата позадина.
„Ова не е обичен безбедносен инцидент“, порача Димитријевиќ, повикувајќи го министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да одговори дали има сознанија за причините поради кои била фрлена бомба во домот на полициски службеник.
Според наводите што, како што рече, ги добиле од свиркачи, постојат сомнежи дека зад инцидентот стои нереализиран бизнис-договор поврзан со провизии.
СДСМ бара Јавното обвинителство да отвори истрага и да ги провери тврдењата дали станува збор за наводна провизија од 300.000 евра за бизниси и тендери, каде требало да завршат парите и дали случајот има поврзаност со тендери во РЕК и градежно атрактивно земјиште во Скопје.
Димитријевиќ побара одговор и на тврдењето дека истиот полициски службеник претходно бил пријавен во Јавното обвинителство поради наводно барање мито од 200.000 евра од поранешен градоначалник.
„Граѓаните очекуваат одговори, граѓаните очекуваат одговорност“, порача генералниот секретар на СДСМ.
Од СДСМ истовремено го повикаа МВР и Јавното обвинителство да ги расчистат сите околности околу инцидентот и да ја информираат јавноста за преземените мерки.

