МАКЕДОНИЈА ГОРИ Активни 6 пожари, речиси целата земја во висок ризик

ЦУК предупредува на опасност од брзо ширење на пожарите – граѓаните да не палат оган на отворено и секој пожар веднаш да го пријават на 112.

МАКЕДОНИЈА ГОРИ Активни 6 пожари, речиси целата земја во висок ризик
Фото: Принтскрин

Речиси целата територија на државата е во зона со висок метеоролошки ризик од пожари, при што на мапата доминира портокаловата зона. Среден ризик, означен со жолта боја, е регистриран само на Шар Планина и во околината на Охрид и Ресен, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Поради високите температури и временските услови, постои зголемена опасност од појава и брзо ширење пожари на отворен простор, како и шумски пожари со висок интензитет низ целата држава.

Од ЦУК апелираат до граѓаните на максимална внимателност и одговорно однесување, особено при престој и движење во природа, како и да не се користи оган на отворен простор. Доколку се забележи пожар, граѓаните веднаш треба да го пријават на телефонскиот број 112.

Во изминатото деноноќие во земјава се регистрирани вкупно 29 пожари на отворен простор. Од нив, шест се активни, еден е ставен под контрола, а 22 се целосно изгаснати.

Активни пожари има во Општина Студеничани, кај селата Моране, Вртекица и Рамни Габер; во Општина Македонски Брод, кај месноста Видуш и селата Драгов Дол, Локвица и Девич; во општините Велес и Зелениково, кај селата С’лп, Горно Село, Карабуниште, Бузалково, Добрино и Тисовица.

Пожари се активни и во општините Јегуновце и Сарај, кај селата Копанце, Туденце и Бојане, како и во Општина Прилеп, кај селото Чаниште, и во Општина Долнени, кај селата Вранче и Бело Поле.

Пожарот на депонијата во Делчево е ставен под контрола.

ЦУК повторно апелира до граѓаните да бидат особено внимателни и да избегнуваат палење оган на отворено, со цел да се спречат нови пожари и нивното неконтролирано ширење.

CATEGORIES
Share This