ПРЕД ДЕНОТ НА АРМИЈАТА Мисајловски откри што следува за војниците

На свечениот собир по повод Денот на Армијата, министерот за одбрана порача дека војниците, подофицерите, офицерите и вработените во одбраната ќе бидат соодветно вреднувани, додека началникот Лафчиски оцени дека Армијата бележи значајни резултати и ги исполнува националните и НАТО стандарди.

ПРЕД ДЕНОТ НА АРМИЈАТА Мисајловски откри што следува за војниците
Фото: Принтскрин

По повод 18 Август – Денот на Армијата, денеска пред платото на Министерството за одбрана и Генералштабот се одржа свечен собир на припадниците на Армијата и вработените во одбраната. На настанот се обратија министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски.

Мисајловски им се заблагодари на припадниците на Армијата и вработените во одбраната за нивниот труд, посветеност и професионалност, нагласувајќи дека тие се столбот на одбранбениот систем.

„Вашиот труд, вашата посветеност и професионалност која ја покажувате секојдневно ни овозможува да бидеме една од најорганизираните институции во државата“, порача министерот.

Тој најави дека ќе продолжи работата на подобрување на стандардот на припадниците на Армијата и вработените во одбраната, вклучително и преку повисоки плати и подобри услови за работа.

„Носиме одлуки кои ќе нè направат посилни и токму затоа сакам да нагласам дека работиме и на повисоки плати и подобри услови за работа“, рече Мисајловски.

Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, истакна дека 18 Август е ден посветен на воената професија, која се темели на чест, дисциплина, одговорност, лојалност, професионализам и патриотизам.

Според него, изминатата година била исполнета со значајни резултати и потврдила дека Армијата продолжува да ги развива своите способности и да ги исполнува највисоките национални и НАТО стандарди.

„Зад секој од овие резултати стои многу работа, соработка, координација, планирање, реализација и извршување“, истакна Лафчиски.

Во рамки на свеченоста, делегација од Министерството за одбрана и Генералштабот, предводена од Мисајловски, заедно со семејствата на загинатите бранители, положи свежо цвеќе пред спомен-обележјето на загинатите бранители пред зградата на Министерството.

Претходно, на градските гробишта во Бутел, владина делегација положи венци на партизанските гробишта, како и на вечните почивалишта на поранешните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров и на генералот Михаило Апостолски.

На свечениот собир присуствуваа високи претставници на Министерството за одбрана и Генералштабот, припадници на Армијата, вработени во одбраната и други гости.

Централната свеченост по повод Денот на Армијата ќе се одржи утре, 18 август, во Центарот за обука на вода „Биљанини Извори“ во Охрид.

CATEGORIES
Share This