ВОЈНАТА ГО ПРАЗНИ ЏЕБОТ – Глобалната економија под силен притисок
Светските финансиски институции предупредуваат и последиците ќе ги почувствуваат сите.

Лидерите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Групацијата на Светска банка и Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА) предупредуваат дека војната на Блискиот Исток остава силни и нерамномерни последици врз глобалната економија, при што најмногу страдаат земјите зависни од увоз на енергија.
Во заедничкото соопштение, објавено по состанокот во Вашингтон, се наведува дека конфликтот предизвикал сериозен шок на пазарите и со раст на цените на нафтата, гасот и ѓубривата. Овие поскапувања дополнително ја зголемуваат загриженоста за безбедноста на снабдувањето со храна и стабилноста на пазарот на труд, особено во посиромашните земји.
Според институциите, најпогодени се енергетските увозници, додека дел од извозниците на нафта и гас од регионот бележат пад на приходите поради нарушувања на пазарот.
Дополнителен проблем претставува нестабилноста во поморскиот сообраќај низ Ормуската Теснина, кој сè уште не е целосно нормализиран. Дури и по стабилизирањето, ќе биде потребно време глобалните резерви на клучни суровини да се обноват, а цените на горивата и ѓубривата може да останат високи подолг период поради оштетената инфраструктура.
Организациите предупредуваат дека нарушувањата во снабдувањето може да доведат до недостиг на клучни инпути, што ќе има последици врз енергетскиот, прехранбениот и индустрискиот сектор.
Покрај економските ефекти, војната предизвика и раселување на населението, губење работни места и пад на туризмот, што дополнително го забавува закрепнувањето и врши притисок врз државните буџети.
ММФ и Светска банка најавуваат дека ќе продолжат внимателно да ја следат состојбата и, во координација со партнерите, ќе обезбедуваат финансиска и техничка поддршка за најпогодените земји, со цел ублажување на кризата и стабилизација на економиите.
