ДОАЃА ПОЕВТИНО ГОРИВО – Цените паднаа, еве колку ќе плаќате од ноќеска
Од полноќ нови пониски цени, најголемо намалување кај дизелот и маслото за домаќинство.

Регулаторната комисија за енергетика донесе нова одлука со која се намалуваат малопродажните цени на нафтените деривати. Од ноќеска на полноќ (00:01 часот), горивата ќе се продаваат по цени што во просек се пониски за 2,73 проценти во однос на претходната одлука од 6 април.
Според најновата пресметка, бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 поевтинуваат за 1,5 денар по литар. Така, цената на Еуросупер БС-95 ќе изнесува 82 денари за литар, додека Еуросупер БС-98 ќе се продава по 84 денари за литар.
Поголемо намалување има кај дизелот и Еуродизелот поевтинува за 2,5 денари и ќе чини 95,5 денари за литар. Најголем пад бележи екстра лесното масло за домаќинство, кое се намалува за 3,5 денари и ќе се продава по 96,5 денари за литар. Цената на мазутот исто така се намалува за 2,084 денари и сега изнесува 49,227 денари за килограм.
Од РКЕ информираат дека намалувањето е резултат на падот на референтните цени на дериватите на светските берзи, како и на благо движење на курсот на денарот во однос на доларот. Воедно, потсетуваат дека станува збор за максимално дозволени цени, додека трговците имаат можност да понудат и пониски цени на пазарот.
