ШТО НÈ ЧЕКА ДО 2030 – Државата тргнува во радикална енергетска трансформација
Планот за 2025–2030 носи 61 мерка со фокус на зелена енергија, ефикасност и намалување на емисиите.

Владата усвои интегриран национален план за енергија и клима за периодот 2025-2030, со што се поставува јасна насока за енергетска трансформација, одржлив развој и усогласување со европските политики.
Документот, подготвен од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, претставува клучна рамка за модернизација на енергетскиот сектор и исполнување на обврските кон Енергетската заедница и европската регулатива.
Планот предвидува вкупно 61 мерка, од кои 26 се насочени кон декарбонизација, 20 кон подобрување на енергетската ефикасност, три за зајакнување на енергетската безбедност, 11 за развој на внатрешниот пазар на енергија и една за истражување, иновации и конкурентност. Главните цели се намалување на емисиите на стакленички гасови, зголемување на уделот на обновливите извори и подобрување на ефикасноста.
Во наредниот период се планираат инвестиции во сончева, ветерна и хидроенергија, воведување систем за цена на јаглерод според европските стандарди, како и развој на капацитети за складирање енергија и модерна инфраструктура. Дел од стратегијата е и постепено напуштање на јагленот како енергент.
Истовремено, се предвидува зајакнување на енергетската безбедност преку диверзификација на изворите, регионална соработка и нови интерконекции, како и понатамошна либерализација и интеграција на пазарот на електрична енергија.
Планот е резултат на инклузивен процес со учество на институции, експерти, академската заедница, приватниот сектор и меѓународни партнери. Во него се вклучени препораките на Секретаријатот на Енергетската заедница и најновите европски политики. Изработена е и стратегиска оцена за влијанието врз животната средина, која ги анализира ефектите врз воздухот, водите, почвата, биодиверзитетот, климатските промени и здравјето на граѓаните.
Со спроведувањето на мерките се очекува подобрување на квалитетот на животната средина, поголема енергетска стабилност и независност, нов инвестициски циклус и забрзана зелена транзиција, што треба да придонесе и за економски раст.
Од Министерството оценуваат дека планот претставува јасна визија за енергетската иднина, во која одржливоста, иновациите и европските стандарди стануваат практична реалност.
